Активности

Понеделник, 20 мај 2019 година

Средба на претседателот Џафери со директорот на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) за Европа, Пол Макарти                                         

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска се сретна со директорот на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) за Европа, Пол Макарти, придружен од Овен Паун, резидентен директор на програмата.

Господинот Макарти се заблагодари на можноста за посета, воедно и за досегашната успешна соработка со Собранието, при што потврди дека се и понатака отворени за продолжување на соработката. Ги образложи програмските насоки, односно програмите за развој на истражувачките центри на политичките партии, комуникацијата и транспарентноста, каде спаѓа начинот како пратениците комуницираат со јавноста, меѓутоа и борбата против корупцијата. Посочи дека располагаат со широк дијапазон на експерти кои можат да помогнат и на пратениците, меѓутоа и на службата во контекст на идните предизвици кои нѐ очекуваат, мислејќи на НАТО и ЕУ членството.

Претседателот Џафери потврди дека соработката со ИРИ е со долга традиција и рече дека и понатака има секогаш простор за нови програми и заеднички проекти кои би биле од полза за развивање и негување на културата на дијалог помеѓу политичките партии во Република Северна Македонија. Тој додаде дека ИРИ, освен со вклучување со поединечни проекти, може да ги обедини истите во заеднички проект во кој би биле опфатени не само поголемите политички партии, туку и тие што не се организирани во пратеничка група или што немаат свои застапници во Собранието. Потоа, истиот дух на соработка да се пренесе и во законодавниот дом.

Средбата се заврши со заемна согласност да се продолжи понатамошната комуникација за обликување на идната соработка. 

Click