Активности

Вторник, 28 јануари 2020 година

Средба на претседателот Џафери со европратениците Фајон и Билчик

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, пред почетокот на Самитот на претседателите на парламентите на земјите од Западен Балкан и на Европскиот парламент, посветен на зајакнувањето на парламентарната димензија на процесот на проширување и улогата на парламентите во реформската агенда за ЕУ, оствари средба со европратениците Тања Фајон и Владимир Билчик, копретседавачи на Групата за демократска поддршка на Западниот Балкан. 

Нагласувајќи дека Европскиот парламент посветува големо внимание на процесот на проширување и односите со земјите од Западен Балкан, европратениците истакнаа дека постапките и одлуките кои ќе се донесуваат во наредниот период ќе значат создавање јасен план и јасна рамка и за земјите кои очекуваат почеток на преговорите и за оние кои веќе ги започнале, а приоритет ќе биде ставен на кредибилитетот на процесот и на враќање на довербата. Тие изразија надеж дека по претставувањето на новата методологија следната недела, позитивни сигнали ќе може да се очекуваат и пред почетокот на Европскиот самит закажан за март, имајќи ги предвид и настојувањата на хрватското претседателство да го држи процесот на проширување на врвот на агендата.

Претседателот Џафери истакна дека, и покрај разочарувањето од недонесувањето на едногласна одлука на Европскиот совет за започнување преговори, остануваме посветени на нашата цел, полноправно членство во Унијата, но и дека сме внимателни во очекувањата. Тој изрази уверување дека, претстојните избори ќе бидат спроведени во слободна, фер и демократска атмосфера, како јасна определба на сите политички партии.

Соговорниците се осврнаа и на дијалогот Жан Моне, како уште една форма на соработка која донесе конкретни резултати во градењето на политичкиот дијалог во Собранието, како што беше донесувањето на Кодексот за етичко однесување, утврдувањето на потребата од измени на Деловникот со цел избегнување ситуации на блокада кои се случуваа во минатото и поставување рамка за административна, финансиска и безбедносна независност на Собранието. Во очекување на одржувањето на третиот Жан Моне дијалог во Собранието на Република Северна Македонија, беше изразена заедничка заложба оваа алатка за соработка да продолжи и по изборите во Република Северна Македонија. 

Претседателот Џафери оствари и кратка средба со европратеникот Андреј Ковачев од Бугарија, кој е заменик на претседателот на Групата на Европските народни партии за Западен Балкан, на која беа разменети мислења за актуелните случувања во Република Северна Македонија во пресрет на предвремените парламентарни избори. Ковачев ја изрази својата поддршка за доделување на датум за преговори што е можно поскоро.  

Click