Активности

Петок, 26 јули 2019 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО ФИЛИП T. РИКЕР, В.Д ПОМОШНИК ДРЖАВЕН СЕКРЕТАР НА САД ЗА ЕВРОПСКИ И ЕВРОАЗИСКИ ПРАШАЊА

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, денеска оствари средба со Филип T. Рикер, в.д. помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања а присуствуваше и Амбасадорката на САД, Н.Е. Кејт Мари Брнз. На средбата беа разменети мислења околу актуелните активности во делот на евроатланските интеграции и членството на Република Северна Македонија во НАТО и во ЕУ, како и за билатералната соработка меѓу Република Северна Македонија и САД.

Претседателот Џафери посочи дека, земјата се наоѓа во клучен момент од нејзиниот евроинтеграциски пат и секоја од институциите треба одговорно да ја извршува својата функција, вклучително и позицијата и опозицијата во Собранието на Република Северна Македонија. Свесни за последиците од преземените чекори, актуелното мнозинство направи сериозен исчекор во последните години во многу области и тоа беше признаено од страна на Европската комисија со последниот извештај за напредокот на земјата. Преостанува донесувањето на Законот за јавно обвинителство, кој треба да биде донесен со консензус и со поддршка на опозицијата, истакна Џафери.

Г. Рикер го поздрави начинот на комуникација на претседателот Џафери со позицијата и опозицијата во Собранието, посочувајќи дека, постигнатите резултати ќе бидат соодветно вреднувани од меѓународната заедница, со членство на земјата во НАТО и со добивање датум за почеток на преговори со ЕУ. Опозицијата треба да го прифати актуелниот предлог-закон за јавно обвинителство како основа за нивни забелешки и сугестии, со оглед на фактот дека истиот беше поддржан од страна на Европската комисијаи ги задоволува основните критериуми според стандардите на ЕУ.

На тој начин, опозицијата ќе демонстрира заедништво и желба Република Северна Македонија да добие датум за почеток на преговори со ЕУ, нагласи Рикер.

На крајот, двајцата соговорници изразија очекување дека земјата до крајот на годината ќе стане 30-тата членка на НАТО и беа согласни дека стратешките и блиски пријателски односи меѓу двете земји ќе продолжат да се негуваат и унапредуваат и во иднина.

Click