Активности

Четврток, 6 јули 2017 година

Средба на претседателот Џафери со иранскиот амбасадор Карими

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари средба со амбасадорот на Иран во Република Македонија, г. Хосеин Карими.   

На почетокот на средбата, амбасадорот изрази честитки за изборот на г. Талат Џафери за претседател на Собранието на Република Македонија, притоа посакувајќи му успеси во понатамошната работа и ја искористи приликата да му ја достави честитката упатена од претседателот на Исламската Република Иран, г. Хасан Роухани. 

Амбасадорот Карими истакна дека Иран со внимание ги следел последните настани во Република Македонија, при што тој лично изразил задоволство во однос на ангажираноста на политичките партии и граѓанското општество, и како и тенденцијата за почитување на правилата на демократското општество во текот на последните настани кои ги оценува како клучен фактор на демократските процеси кои овозможија решавање на политичката криза во земјата. 

Претседателот Џафери изрази благодарност до амбасадорот за честитките и поддршката, притоа истакнувајќи дека благодарение на поддршката на граѓаните и политичката посветеност, успешно се надмина политичката криза во земјата.    Претседателот на Собранието истакна дека Република Македонија има демократски определби и е насочена кон членство во ЕУ и НАТО.  

Амбасадорот Карими изрази убедување дека Собранието на Република Македонија има и може да игра важна и конструктивна улога во градење на иднината на оваа земја, како од аспект на одлучување така и од аспект на зачувување на унитарноста на земјата. Исто така, истакна дека Иран е посветен кон воспоставување на позитивни односи и соработка со сите земји од Балканот, а посебно внимание му посветува на создавањето на добри односи со европските земји. 

Претседателот Џафери подвлече дека Република Македонија е фокусирана на градење на подобра иднина на земјата, а од мултилатерален аспект, со оглед на тоа дека Македонија е земја со мала територија и мал број на население, не може да има големо влијание во глобалната политика, но имајќи поволна геополитичка и стратешка позиција, се стреми да биде неутрална и непристрасна воспоставувајќи добри односи со сите земји.  

На крајот на средбата, соговорниците изразија подготвеност да продолжи билатералната соработка помеѓу двете земји на сите институционални нивоа, за одржување на мирот, стабилноста и благосостојбата. 

Click