Активности

Вторник, 3 декември 2019

Средба на претседателот Џафери со Н.Е. Нивес Тигањ, амбасадорка на Република Хрватска во Република Северна Македонија

Денеска претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери,  оствари средба со новоименуваната амбасадорка на Република Хрватска во Република Северна Македонија, Н.Е. Нивес Тигањ.

На почетокот на средбата, претседателот Џафери ѝ честиташе на новата функција со желби за плоден и успешен амбасадорски мандат, а ги изрази и очекувањата дека досегашната конструктивна соработка на институциите на Република Северна Македонија со Амбасадата на Хрватска ќе продолжи и понатаму. Посочи дека Република Хрватска е докажан пријател на Република Северна Македонија и бескомпромисен поддржувач на нејзината европска и евроатланска интеграција, факт што високо се цени и почитува. Истакна уверување дека оваа силна, пријателска и безрезервна поддршка ќе биде засилена за време на претстојното претседавање на Република Хрватска со Советот на Европската Унија идната година и ќе резултира со добивање датум за отпочнување преговори на мајскиот Самит во Загреб.

Претседателот Џафери информираше дека недонесувањето одлука за почеток на преговорите предизвика големо разочарување кај граѓаните на Република Северна Македонија, но истакна дека ние и понатаму остануваме посветени на реформскиот процес. Истовремено, како држава остануваме посветени и на Берлинскиот процес, заедно со останатите земји од Регионот, за да покажеме силни заложби за реални резултати кои ќе имаат долгорочни позитивни ефекти.

Во контекст на НАТО, земјата ја очекува последната ратификација на Пристапниот протокол за членство во НАТО од страна на Шпанскиот парламент, кој токму денеска ја одржува конститутивната седница, по ноемвриските повторни избори.

Изрази благодарност до хрватската држава и хрватскиот Сабор, кои заедно со црногорскиот и словенечкиот Парламент беа првите кои ја извршија ратификацијата на Пристапниот протокол, на чија седница присуствуваше и собраниска делегација.

На билатерален план беше потенцирано дека Собранието на Република Северна Македонија и во иднина ќе ги негува пријателските блиски врски со Саборот на Република Хрватска, особено преку интензивирање на меѓупарламентарната соработка на највисоко ниво, како и на ниво на пратенички групи за соработка со парламенти на одделни држави. Паралелно, покрај зацврстувањето и интензивирањето на парламентарната соработка, претседателот Џафери истакна дека двете држави треба да вложат поголеми напори на зајакнување на економската соработка, туризмот и трговската размена, како значајни сегменти на општественото живеење.

Амбасадорката Тигањ ги пренесе уверувањата на највисокото државно хрватско раководство за натамошна поддршка на европската и евроатланската интеграција на Република Северна Македонија, при што изрази надеж дека за време на претстојното претседавање на Република Хрватска со Советот на Унијата ќе се исправи неправдата кон земјата. Посочи дека Република Хрватска има 12 твининг-проекти со повеќе државни институции во Република Северна Македонија, преку кои се пренесува хрватското искуство и се помага во пристапниот процес на Република Северна Македонија кон Европската Унија. Како особена државотворна одлука со далекосежни позитивни последици на надоврешно политички план за земјата ги оцени компромисните договори со Република Грција и Република Бугарија, со кои Република Северна Македонија стави крај на отворените прашања.

Соговорниците разменија мислења околу актуелните политички случувања во државата пред претстојните предвремени избори, активностите на Собранието и Владата во тој контекст, добрососедските односи, севкупното парламентарното работење, дијалогот власт - опозиција како клучен императив на демократијата, можностите за унапредување на меѓупарламентарната соработка и споделување на заедничките искуства од надворешната политика и парламентарната дипломатија.

Click