Активности

Среда, 11 септември 2019 година

Средба на претседателот Џафери со новоименуваниот амбасадор на Кралството Холандија во РСМ, Н.Е. Дирк Јан Коп

На денешната прва средба на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија со новоименуваниот амбасадор на Кралството Холандија во Република Северна Македонија, Н.Е. Дирк Јан Коп, претседателот Џафери му посака успешен мандат на гостинот и изрази благодарност и задоволство од досегашната соработка со претходниот амбасадор.

На средбата беа разменети повеќе информации за досегашната соработка меѓу двете земји, особено на планот на евроинтеграциите, како и ставот на Кралството Холандија по однос на нашите напори и заложби да добиеме датум за преговори со ЕУ во октомври наредниот месец.

Претседателот Џафери истакна дека, сето тоа што е клучно и што е побарано од нас од страна на институциите на ЕУ сме го завршиле, односно затворивме крупни прашања и дадовме сериозен придонес кон регионалната стабилност и соработка, и во таа насока очекуваме тоа да биде признато и верификувано од Европскиот совет во октомври. Притоа, потврди дека Собранието ќе продолжи и во наредниот период да биде отворена и демократска институција, ќе се продолжи соработката со опозицијата а тој и во иднина, како претседател на законодавниот дом, ќе продолжи да биде неутрален во однос на политичките релации меѓу власта и опозицијата, за што има силна поддршка.

Амбасадорот на Кралството Холандија Н.Е. Дирк Јан Коп, се заблагодари на можноста за средба со претседателот Џафери и на топлиот и пријателски прием во нашата земја, изразувајќи надеж дека односите меѓу двете земји и во наредниот период ќе се продлабочуваат и зајакнуваат на сите нивоа. Тој истакна дека како амбасадор, за време на неговиот мандат ќе настојува да помогне во интензивирање на парламентарната соработка, како и на економската соработка со Република Северна Македонија.

Во однос на прашањето на поддршката од Холандија за нашата земја за добивање на датум за отпочнување на преговорите, амбасадорот истакна дека, Холандија ги цени индивидуалните напори на земјите кандидати, ги подржува реформите што се преземаат од страна на домашните институции и верува дека вложениот труд ќе вроди со позитивен исход за земјата, меѓутоа пред сè, за сите граѓани кои се определија за тоа и во огромен процент го поддржуваат нашето членство во ЕУ и НАТО. 

На крајот на средбата, двајцата соговорници се согласија дека соработката и комуникацијата меѓу Собранието на Република Северна Македонија и амбасадата на Кралството Холандија ќе продолжи и во наредниот период со интензивна динамика.                                                                                                                                                                                         

Click