Активности

Вторник, 22 октомври 2019 година

Средба на претседателот Џафери со новоименуваниот амбасадор на Република Австрија во Република Северна Македонија, Н.Е. Георг Вуцас

Претседателот на Собранието на Северна Македонија г. Талат Џафери оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Република Австрија во Република Северна Македонија, г. Георг Вуцас.

Двајцата соговорници ги оценија билатералните политички односи како пријателски, конструктивни и отворени и ја поздравија сѐ поинтензивната економска соработка. Од наша страна беше изразена благодарност за континуираната поддршка од страна на Република Австрија за процесот на проширување и вклучување на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.

Претседателот Џафери нагласи дека Република Северна Македонија успеа да постигне конкретни резултати во спроведувањето на реформите и да постави позитивен пример за целиот регион на Западен Балкан. Државата нема отворени прашања со соседите и дава голем придонес кон регионалната соработка, стабилност и безбедност, а истовремено е докажан доверлив партнер на ЕУ во поглед на миграциите и борбата против тероризмот.

Двајцата соговорници изразија разочарување од одлуката на Европскиот совет да го одложи одредувањето на датум за почеток на преговорите со Република Северна Македонија. Претседателот Џафери истакна дека за нас е прифатлива  нова методологија за пристапните преговори, но не и какви било евентуални алтернативи на процесот на приклучување и на полноправното членство во Европската Унија. Амбасадорот Вуцас подвлече дека, Република Австрија не го смета Западниот Балкан како регион надвор од Европската унија туку смета дека неговата интеграција во Унијата треба да се забрза. Тој истакна дека не само австриската Влада туку и австриските компании веруваат во европските перспективи на Северна Македонија и заради тоа ги зголемуваат своите инвестиции во државата.

Претседателот Џафери и амбасадорот Вуцас разменија мислења за претстојните предвремени избори во однос на уставните и законските рокови за нивно спроведување, а на крајот беше изразено уверување дека силната поддршка на Република Австрија за полноправно членство на Република Северна Македонија во Европската унија ќе продолжи и во иднина.

Click