Активности

Четврток, 17 октомври 2019 година

Средба на претседателот Џафери со претседателката на Народното собрание на Република Србија, Маја Гојковиќ

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска во Белград оствари куртоазна средба со домаќинот на 141. Собрание на Интерпарламентарната унија, претседателката на Народното собрание на Република Србија, Маја Гојковиќ.

Претседателката Маја Гојковиќ изрази благодарност за учеството на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија на 141. Собрание на ИПУ на високо претседателско ниво, како и задоволство што парламентарните односи меѓу Република Србија и Република Северна Македонија се високо развиени, со бројни средби како на билатерално, така и на мултилатерално ниво. 

Претседателот Талат Џафери се заблагодари за топлото гостопримство и упати честитки за одличната организација на ова Собрание на Интерпарламентарната унија, кое по втор пат се одржува во Белград. Тој оцени дека со ова, Народното собрание на Република Србија ја потврди својата посветеност кон целите и принципите на ИПУ, како што се мирот, демократијата, соработката меѓу народите, градењето на силни претставнички институции преку широк и сеопфатен парламентарен дијалог.

На средбата беа разменети информации за билатералните односи и актуелните случувања во двете земји, особено во врска со евроинтеграциите.

Соговорниците се согласија дека парламентарната дипломатија претставува значаен сегмент од секојдневното парламентарно работење и можност за промовирање на видливоста на парламентите надвор од границите на државата, но и можност за споделување на заеднички искуства и добри практики.

Click