Активности

Среда, 2 октомври 2019 година

Средба на претседателот Џафери со претседателот на Црна Гора, г. Мило Ѓукановиќ

Во рамките на официјалната посета на г. Мило Ѓукановиќ, претседател на Црна Гора на Република Северна Македонија, во Собранието се одржа средба со претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери. На средбата присуствуваа и пратениците од Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Црна Гора: г-ѓа Лилјана Кузмановска, претседател на Групата и членовите, г. Благојче Трпевски и г-ѓа Мирсада Емини-Хасани.

Претседателот Џафери, посакувајќи искрено добредојде на црногорската делегација, ги поздрави топлите и интензивни билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Црна Гора, изразувајќи верба дека истите ќе продолжат со несмалена динамика и во иднина. Истакна дека во билатерален контекст, наш нагласен интерес е интензивирање на политичко безбедносната соработка во НАТО контекстот и  пренесувањето на искуствата на Црна Гора на овој план. Претстојат уште 6 ратификации на Пристапниот протокол за кои очекувањата се дека ќе завршат до крајот на годината, а во фаза на очекување сме Советот на Европската унија на претстојниот Самит да додели датум за почеток на преговорите со Унијата. Во соседската и регионалната сфера, претседателот Џафери истакна дека Република Северна Македонија води балансирана и конструктивна добрососедска политика со сите соседи, а како пример за тоа се потпишаните договори со Република Грција и Република Бугарија, со кои се отвори ново поглавје во меѓусебните односи, но и на планот на евроинтеграциските процеси. Изрази голема благодарност за континуираната поддршка на Црна Гора на овој план, и верба дека таа поддршка ќе продолжи и како рамноправни НАТО сојузници и земји - членки на ЕУ.

Во контекст на економската соработка, двајцата соговорници истакнаа дека двете влади треба поинтензивно и пофокусирано да работат на нејзината динамика и содржина, бидејќи тоа е придобивка за граѓаните на двете држави. Треба да се следи примерот на одличната соработка што постои во одбраната, здравството, спортот, јавната управа и земјоделството, бидејќи поголемите инвестиции и добрите економски проекти ќе ја надградат квалитетно целокупната билатерална соработка. Од не помало значење е и одржувањето на редовен политички дијалог на високо ниво, што ќе придонесе кон зацврстување на меѓудржавните односи.

Претседателот на Црна Гора, Ѓукановиќ, со особена почит ја поздрави храброста и политичката смелост да се постигне Преспанскиот договор, свесен за големата жртва што ја направи Република Северна Македонија, но со единствена визија за натамошен просперитет на државата и нејзините граѓани. Честиташе и на успесите во НАТО интеграцијата и  ја пренесе подготвеноста на својата држава да ги сподели со Република Северна Македонија искуствата од европската и евроатланската интеграција, исто како што и Црна Гора претходно црпела искуства од Република Хрватска. Укажа дека помошта од соседите на овој план значи многу, особено и поради нашите заеднички цели и интереси, менталитетот на народите, визиите на политичарите и очекувањата на граѓаните. Истакна дека особено по влезот во НАТО, инвестициската клима драстично се подобрила, а  перцепцијата за Црна Гора на надворешно - политички и меѓународен план е подигната на многу високо ниво како кон земја НАТО сојузник и потенцијална членка на Европската унија. Во овој контекст, претседателот Ѓукановиќ информираше дека на Црна Гора и преостанува за отворање само уште едно поглавје, по што ќе следи затворање на сите поглавја, со надеж за успешна финализација на процесот до 2025 година.

Соговорниците и делегациите разменија мислења околу парламентарното работење, негувањето на меѓуетничката соработка и соживот, дијалогот власт - опозиција како клучен императив на демократијата, можностите за унапредување на меѓупарламентарната соработка и споделување на заедничките искуства од надворешната политика и парламентарната дипломатија.