Активности

Недела, 7 јули 2019 година

Средба на претседателот Џафери со претседателот на Комисијата за надворешна политика на Претставничкиот дом на Конгресот на САД

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска го прими Елиот Енгел, претседателот на Комисијата за надворешна политика на Претставничкиот дом на Конгресот на САД.

Џафери му честиташе за стапувањето на функцијата претседавач со Комисијата за надворешна политика на Претставничкиот дом на Конгресот на САД и изрази благодарност до конгресменот за неговата значајна улога, имајќи предвид дека со неговото присуство и ангажман, дал значаен придонес во просперитетот на регионот и нашиот успех во НАТО интеграцијата. 

Претседателот Џафери му се заблагодари и за писмото со кое тој и конгресменот Мајкл Мекол, му се обратиле на Државниот секретар на САД Мајк Помпео, за поддршка на нашата земја во процесот на евроинтеграциите.

Нашата држава, подвлече Џафери, досега и во иднина, во САД гледа најважен  стратешки партнер кој во континуитет не поддржува на секој план, не само нас туку и целиот регион.

Од своја страна Енгел, ја нагласи улогата на законодавните тела во развојот на своите земји. Исто така, ја повтори силната поддршка на САДза НАТО членството на Република Северна Македонија, притоа честитајќи за определбата на нашата држава за развојот на добрососедството и за покажаната храброст при донесувањето на вистински одлуки во правец на решавањето на сите отворени прашања.

„Позитивните движења што ги гледам, продолжи Енгел, укажуваат на тоа дека Република Северна Македонија се движи во потребната насока.„

Двајцата соговорници се согласија дека билатералните односи меѓу двете држави се на највисоко ниво од воспоставувањето на дипломатските односи и континуирано ја следат нагорната линија.