Активности

Понеделник, 20 ноември 2017 година

Средба на претседателот Џафери со претседателот на Република Албанија, г. Илир Мета 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, оствари средба со претседателот на Република Албанија, г. Илир Мета. 

Посакувајќи му добредојде, претседателот Џафери го изрази своето задоволство што во континуитет се зајакнуваат и продлабочуваат заемните меѓудржавни односи и што се споделуват заеднички вредности и интереси со Република Албанија во рамките на евроатланските интеграции. 

Претседателот Џафери истакна дека како претседател на Собранието ќе го даде својот придонес во зајакнувањето и интензивирањето на односите меѓу двете пријателски земји на сите полиња, а особено во рамките на зајакнување на парламентарната соработка на сите нивоа. 

Што се однесува до интеграцијата на Република Македонија во евроатланската алијанса, претседателот Џафери се заблагодари за континуираната поддршка од страна на Република Албанија во однос на ова прашање.

Претседателот на Собранието, исто така, ја потенцираше силната определба на новата македонска влада во однос на реформските процеси неопходни за евроинтеграција на земјата и ја нагласи подготвеноста  на Собранието на Република Македонија да заземе централно место во реализацијата на истите.

Претседателот на Република Албанија, г. Илир Мета, изразувајќи го своето задоволството од средбата со претседателот на Македонското собрание, истакна дека го радува фактот што за прв пат претставник од албанската заедница во Република Македонија е претседател на Собранието и извршувањето на оваа висока и важна функција ќе биде само поттик кон зајакнување на меѓуетничките односи и соживотот во Република Македонија. 

Претседателот Илир Мета, исто така, ја нагласи потребата во наредниот период и двете страни тесно да соработуваат во областа на евроинтеграциите, бидејќи законодавниот дом има клучна улога на патот за влез во европското семејство. 

Тој, исто така, ја поздрави идната заедничка владина седница меѓу двете земји која ќе биде со конкретни точки и прашања од заеднички интерес и ја искажа потребата од деблокирање на Република Македонија за влез во НАТО и ЕУ. 

На крајот и двајцата соговорници го изразија своето задоволство од досегашното ниво на соработка меѓу двете земји и ја истакнаа својата определба да придонесат овие односи да се продлабочуваат и зајакнуваат и во иднина.                                                                                                                                                                                     

Click