Активности

Среда, 23 јануари 2019 година

Средба на претседателот Џафери со претседателот на Собранието на Црна Гора, г. Иван Брајовиќ

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денес го пречека претседателот на Собранието на Црна Гора, г. Иван Брајовиќ кој е во прва официјална посета на Република Македонија а воедно е и прв претседател на црногорското Собрание од прогласувањето на независноста на Црна Гора во 2006 година кој што ја посетил земјава. 

Во својот вовед, претседателот Џафери спомна дека и неговата прва официјална посета во својство на претседател на законодавниот дом беше токму во Црна Гора и тоа е аргумент кој што потврдува дека односите меѓу двете земји се пријателски и искрени, без отворени прашања а со исти стратешки и надворешно - политички приоритети. Во продолжение, претседателот на Собранието го информираше г. Брајовиќ за успешно завршените фази од преземените обврски од Договорот од Преспа, односно заокружувањето со усвојувањето на уставните измени и очекувањето дека процесот ќе биде успешно завршен и кај грчката страна, со што ќе се отвори патот на нашето евроатланско интегрирање. 

Претседателот на Собранието на Црна Гора, г. Иван Брајовиќ се заблагодари на топлиот и искрен прием кој што го чувствува на секој чекор и нагласи дека Црна Гора, како и досега, и отсега ќе продолжи да биде силен поддржувач на Република Македонија во нејзините напори да биде полноправен член на НАТО и ЕУ. Со оглед на тоа што Црна Гора е полноправен член на НАТО од 2017 година, има искуство и експертиза која ја става на располагање на Македонија, ги чувствува придобивките на економски план за својата земја по влезот во НАТО и искрено го очекува денот кога ќе може да ја пречека Република Северна Македонија како триесетта членка на НАТО сојузот. 

Претседателот Џафери се заблагодари на досегашната поддршка и се согласи дека взаемната парламентарна соработка треба да се концентрира токму на размена на искуства и консултации во поглед на усогласувањето на законодавството, со оглед на тоа што Црна Гора се очекува да биде следната земја која ќе пристапи во ЕУ. Покрај ова, тој рече дека во периодот што следи, ќе се работи повеќе и на зајакнувањето на економската соработка меѓу двете земји, затоа што има огромен а неискористен потенцијал. 

Двајцата соговорници се согласија за важноста на регионалната соработка за стабилноста, просперитетот и развојот на регионот и дека двете страни треба заеднички да работат на зајакнување и продлабочување на таа соработка во сите области. 

Click