Активности

Вторник, 11 јуни 2019 година

Средба на претседателот Џафери со претседателот на Владата на Чешката Република, Андреј Бабиш

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, денеска оствари средба со претседателот на Владата на Чешката Република, Андреј Бабиш, кој е во дводневна официјална посета на нашата земја.

Оваа посета, рече Џафери, претставува одлична можност за продлабочување на воспоставената соработка и реализација на конкретни проекти, како што е на пример полициската соработка која покажува одлични резултати. Ваквиот успешен концепт на соработка, може да се примени и во одбранбениот сектор. Воедно, тој изрази благодарност за помошта и учеството на чешките полициски службеници во надзорот на јужната граница на Република Северна Македонија, како и на досега доделените финансиски донации од Чешката Република. 

Претседателот Џафери, потенцираше дека ратификација на пристапниот протокол е во тек во земјите-членки на НАТО. Досега веќе 16 земји го ратификувале, со надеж дека до крајот на годинава Република Северна Македонија и официјално ќе стане 30-та членка на НАТО. Тој се заблагодари што владината процедура во однос на ратификација на пристапниот протокол е веќе завршена и изрази убеденост дека чешкиот парламент ќе го заврши процесот на ратификација до почетокот на летниот одмор годинава.

На средбата, премиерот Бабиш истакна дека, динамиката на посетите на владино и парламентарно ниво зборува за позитивниот тренд на односите меѓу двете пријателски држави. Тој рече дека ќе ја пренесе пораката за битноста за нашето членство во НАТО до Парламентот на Чешката Република. Што се однесува до ЕУ, Бабиш потсети дека високите функционери на ЕУ договорот од Преспа го опишаа како едно од најбитните достигнувања, така што очекува позитивна одлука во однос на почетокот на преговорите.

Тој подвлече дека, Република Северна Македонија, освен поддршката на Чешката Република, ја има и поддршката и на Вишеградската група.

Во продолжение, двајцата соговорници разменија мислења и за можностите за развој на економската соработка, при што беше речено дека Република Северна Македонија е атрактивна бизнис дестинација, поради што чешките компании би требало да ги искористат погодностите за инвестирање во нашите технолошко - индустриски - развојни зони, меѓу кои и поволната даночна политика. 


Click