Активности

Среда, 5 февруари 2020

Средба на претседателот Џафери со претставници на Вестминстер фондацијата за демократија и амбасадорката Галовеј

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, во придружба на координаторите Јован Митревски, Ејуп Алими и Никола Мицевски, како и членовите на Управувачкиот одбор во Собранието, денеска имаа подготвителна средба со британската амбасадорка Рејчел Галовеј; директорот на Вестминстер Фондацијата за демократија, Ентони Смит и други претставници на Фондацијата.

Средбата беше во пресрет на свеченото отворање на Парламентарната буџетска канцеларија во рамките на Службата на Собранието на Република Северна Македонија и претставува посебна организациска единица – Одделение кое според Законот за Собранието на Република Македонија е аналитички центар што служи за унапредување на парламентарниот финансиски надзор преку изготвување стручни финансиски и буџетски анализи за потребите на пратениците и работните тела.

Собранието на Република Северна Македонија, во декември 2018 година потпиша Меморандум за соработка со Британската амбасада и Вестминстер фондацијата за демократија и пристапи кон реализација на препораките од Вилтон Парк, при што формирањето на ПБК беше една од главните препораки во „Извештајот за процена на практиките за финансиски надзор во Собранието на РСМ“.

Претседателот Џафери информираше за сите досега преземени активности за да се дојде до денот на почнување со работа на ПБК, за транспарентниот избор и селекција на најдобрите кандидати за вработување во Канцеларијата, за техничката подготвеност на просторијата и сите дополнителни потреби, и се заблагодари за сета конкретна поддршка што ја дава Вестминстер фондацијата за демократија во нашето Собрание. 

Амбасадорката Галовеј имаше позитивни зборови за одличната соработка помеѓу законодавниот дом и Кралството Велика Британија и Северна Ирска која се одржала низ сите периоди низ кои поминуваше земјата и изрази верба дека соработката ќе продолжи со уште поинтензивна динамика во иднина.

Директорот Ентони Смит се изрази со зборовите „...Вие преземате историски чекор и сте лидери во регионот во насока на зајакнувањето на надзорната улога и независноста на претставничкиот орган...“, и се заблагодари за тоа што со Собранието на Република Северна Македонија имаат најдолга историја на соработка. По средбата, сите соговорници отидоа во обиколка на работната просторија на ПБК, за потоа сите заедно и со нововработените, да се приклучат на свеченоста по повод овој настан.

Click