Активности

Среда, 4 декември 2019 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО СЕНАТОРОТ ЈОАН -КРИСТИЈАН КИРТЕШ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ГРУПАТА ЗА ПРИЈАТЕЛСТВО ВО РОМАНСКИОТ ПАРЛАМЕНТ

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари средба со сенаторот Јоан-Кристиан Киртеш, претседател на Групата за пријателство со Република Северна Македонија во Парламентот на Романија.

Претседателот Џафери, му посака топло добредојде на сенаторот Киртеш и нагласи дека оваа посета е од особено значење за него, имајќи ги предвид севкупните добри односи меѓу Република Северна Македонија и Романија кои ги карактеризира висок степен на пријателство, со конструктивен и отворен политички дијалог заснован врз партнерски однос и заемно почитување.

Тој се заблагодари на Романија за големата поддршка што ја даде на нашата земја за време на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година и за време на романското претседавање со Советот на ЕУ, кога лобираше Република Северна Македонија да стане дел од ЕУ. Во продолжение, говореше за актуелната состојба во Република Северна Македонија во однос на интеграцискиот процес при што нагласи дека и покрај недобивањето датум за преговори, има верба во кредибилитетот на Унијата и капацитетот на Советот да го препознае моментот и да даде зелено светло за отпочнување на преговорите.

На билатерален план, беше потенцирано дека Собранието на Република Северна Македонија и во иднина ќе ги негува пријателските врски со Парламентот на Романија, особено преку интензивирање на меѓупарламентарната соработка, како и на ниво на пратенички групи за соработка со парламенти на одделни држави. Паралелно, покрај зацврстувањето и интензивирањето на парламентарната соработка, претседателот Џафери истакна дека двете држави треба да вложат поголеми напори на зајакнување на економската соработка, туризмот и трговската размена, како значајни сегменти на општественото живеење.

Сенаторот Киртеш изрази големо задоволство за оваа реализирана средба при што ги пренесе уверувањата на највисокото државно романско раководство за натамошна поддршка на европската и евроатланската интеграција на Република Северна Македонија. Посочи дека, Романија и понатаму силно ќе бара од земјите членки на ЕУ итна интеграција на Република Северна Македонија во европското семејство каде што и припаѓа. Секако дека за него компромисните договори со соседните земји со кои се стави крај на отворените прашања се огромен прилог за позитивен исход на овој процес.

Сенаторот Киртеш ја искористи ова прилика да му упати покана на претседателот Џафери да оствари посета во Парламентот на Романија со цел продлабочување на соработката помеѓу двете институции. 

Click