Активности

Среда, 13 март 2019 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО ВАСИЛИКА ВИОРИКА ДАНЧИЛА, ПРЕМИЕР НА РОМАНИЈА

Работната посета на Романија, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери ја заокружи со средбата со Премиерката на Романија, г-ѓа Василика Виорика Данчила.

Премиерката, г-ѓа Данчила искажа задоволство од средбата и упати честитки за усвоените реформски закони и надминувањето на отворените прашања со соседните земји. Воедно, упати честитки и за денешната ратификација на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО во Сенатот на Романија. Таа подвлече дека проширувањето со земјите на Западен Балкан претставува приоритет за романското претседателство, при што истакна дека отпочнувањето на пристапните преговори на Република Северна Македонија со ЕУ во јуни ќе го сметаат како врвно достигнување на романското претседавање со Советот на ЕУ.

Претседателот Џафери се заблагодари за отворената поддршка на Романија и посака успешно претседавање со Советот на Европската унија и успешни претстојни избори за Европскиот парламент. Тој се заблагодари за конзистентната поддршка на нашиот евроатлански пат и подвлече дека за нас членството во НАТО претставува врвен државен и стратешки приоритет за кој има поддршка од граѓаните и широк политички консензус. Претседателот Џафери изрази искрена верба дека за време на Романското претседавање со Советот на ЕУ, Република Северна Македонија ќе ги започне пристапните преговори за членство во ЕУ во јуни 2019 година.

Соговорниците истакнаа дека членството на Република Северна Македонија во НАТО и Европската унија е од големо значење не само за безбедноста и економскиот развој на нашата земја, туку и за целиот регион на Западен Балкан и пошироко. Меѓу другото, се разговараше и за унапредувањето на положбата на претставниците на малцинствата во двете држави, а посебен акцент се стави на интензивирањето на соработката на културен, образовен и економски план.