Активности

Вторник, 15 октомври 2019 година

Средби на претседателот Џафери со делегациите на Мексико и на Босна и Херцеговина во ИПУ

Во рамките на 141. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што се одржува од 13 до 17 октомври 2019 година во Белград, Република Србија, делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во ИПУ, предводена од претседателот Талат Џафери, денеска оствари средби со делегациите на Мексико и на Босна и Херцеговина во ИПУ.

На средбата со делегацијата од Мексико, предводена од Лаура Анхелика Рохас Ернандез, претседателка на Претставничкиот дом, беше истакнато дека и покрај големата географска оддалеченост, постојат бројни можности за зацврстување на меѓупарламентарната соработка на Северна Македонија и Мексико, особено во рамките на Интерпарламентарната унија, како и на билатерално ниво. Меѓу двете земји постојат иницијативи за конкретна соработка, особено во три полиња: економијата, туризмот и културата, како и заеднички интерес за унапредување на договорната правна рамка.

Отворањето на Почесниот конзулат на Соединетите Мексикански Држави во Скопје беше оценето како значаен чекор во унапредувањето на севкупната соработка меѓу двете земји. На средбата беше разговарано и за потребата за укинување на визите за влез во Мексико за граѓаните на Република Северна Македонија, со цел за продлабочување на билателните односи во сите полиња од заеднички интерес. Од страна на претседателката Рохаз Ернандез беа упатени честитки за потпишувањето на Спогодбата од Преспа, со што се отвори патот на евроатлантските интеграции на Северна Македонија.

На средбата со Небојша Радмановиќ, заменик на претседавачот на Претставничкиот дом и Никола Шпириќ, заменик на претседавачот на Домот на народите на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина, беше изразено обострано задоволство што одличните билатерални односи меѓу двете земји се потврдени со засилената динамика на размена на посети на високо и највисоко ниво. Беше истакнато дека заложбите за  збогатување на соработката во сите области од заемен интерес се заемни, а особено во делот на европските и евроатланските интеграции и размената на искуства на овој план. Исто така, беше нагласена потребата од засилување на економската димензија на билатералната соработка и креирање поволни услови за нејзин непречен развој.

Стана збор и за неопходноста за подобрување на инфраструктурното поврзување во регионот, како и значањето на збратимувањето на повеќе градови од Северна Македонија и Босна и Херцеговина.

На крајот од средбата беше констатирано дека постои простор за унапредување на парламентарната соработка меѓу двете пријателски земји, со взаемни посети на претседателите на парламентите и пратеничките групи за пријателство и соработка.

Click