Активности

Петок, 24 ноември 2017 година

Стандардизација на извештаите кои органите и институциите ги доставуваат до Собранието

Членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците одржаа работна средба со претставници на органите и институциите кои имаат законски основ да доставуваат извештаи до Собранието на Република Македонија, а кои се во надлежност на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците. Овој состанок е дел од активностите кои Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, ги презема во насока на стандардизација на извештаите кои органите и институциите ги доставуваат до Собранието. 

На средбата присуствуваа претставници на Судски совет на Република Македонија, Јавно обвинителство на Република Македонија, Судски буџетски совет, Државна комисија за спречување на корупцијата, Комисија за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, Дирекција за заштита на личните податоци, Државен совет за превенција на детско престапништво, Агенција за администрација, Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка  од работен однос во втор степен, Државна комисија за одлучување во  втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка. 

Заменик претседателот на комисијата, г. Хари Локвенец, во своето обраќање изрази задоволство од присуството и заинтересираноста на институциите за процесот на стандардизација на извештаите. Тој говореше за потребата од стандардизација на формата на извештаите како и потребата органите и институциите да се вклучат во самиот процес, со цел да се утврди форма на извештај која ќе ги содржи сите информации и која ќе биде одраз на работата на органот или институцијата. 

Свое обраќање во името на Мисијата на ОБСЕ во Скопје имаше г. Нинослав Васиљевич, раководител на отсекот за демократско владеење и социјална кохезија. Господин Васиљевич го истакна своето задоволство од започнувањето на процесот на стандардизација на извештаите во насока на подобрување на стандардите на известувањето, а со тоа и поефикасно остварување на надзорот на Собранието. 

На состанокот беа презентирани првичните наоди од канцелариското истражување, коишто се однесуваат на законска и уставна рамка која ја регулира функцијата на Собранието за политичка контрола и надзор, материјалните закони кои го регулираат правниот статус и обврската на институциите да поднесуваат годишни извештаи до Собранието, структура на годишните извештаи и нивната практична примена. 

На состанокот од страна на Мисијата на ОБСЕ во Косово и ИНДЕП беше презентиран и процесот и методологијата користена при стандардизација на годишните извештаи во косовското Собрание.

На крајот на средбата од страна на членовите на Комисијата и претставниците на институциите беа договорени следните активности и временска рамка за нивно спроведување.

Click