Активности

Понеделник, 23 април 2018 година, Загреб

Студиска посета на Собраниска делегација на Хрватскиот парламент и Државниот завод за ревизија 

Претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, г-ѓа Лилјана Кузмановска и  членовите на Комисијата, г. Реџаиљ Исмаили и г. Диме Велковски, од 23 до 26 април 2018 година присуствуваат на студиска посета на Парламентот на Република Хрватска и Државниот завод за ревизија во Загреб, Република Хрватска. 

Студиската посета е во рамките на Твининг-проектот на ЕУ-ИПА „Понатамошно зајакнување на капацитетите и ефикасноста на Државниот завод за ревизија за вршење на надворешна ревизија“. 

Во рамките на една од компонентите на овој Проект, предвидено е зајакнување на капацитетите и соработката на Државниот завод за ревизија со Собранието на Република Македонија, што е под особен мониторинг на Европската Унија и се однесува на анализата на фактичката состојба на разгледување на ревизорските извештаи од страна на Собранието, компаративна анализа на механизмите на разгледување на ревизорските извештаи во парламентите на земјите членки на Европската  Унија и подготвување на препораки за зајакнување на интерните процедури, односно механизми во Собранието согласно најдобрите пракси од ЕУ. 

На студиската посета пратениците се запознаа со начинот на соработка помеѓу Државниот завод за ревизија и Парламентот на Република Хрватска, соработката помеѓу Комисијата за финансирање и буџет и Државниот завод за ревизија на Република Хрватска и начинот на разгледување на конечните ревизорските извештаи. 

Членовите на Делегацијата ги информираа своите колеги дека во Собранието на Република Македонија согласно одредбите на Законот за државната ревизија на седница на надлежната Комисија за финансирање и буџет се разгледува Годишниот извештај за извршените ревизии и за работењето на Државниот завод за ревизија. Врз основа на расправата, Комисијaта усвојува заклучоци кои се предлагаат на Собранието. Собранието на Република Македонија го разгледува Годишниот извештај за извршените ревизии и за работењето на Државниот завод за ревизија и по истиот ги усвојува предложените заклучоци. Заклучоците се во насока на поддршка на извршувањето и унапредувањето на активностите на Државниот завод за ревизија во согласност со стандардите на Меѓународната организација на врховните ревизорски институции. Согласно Законот за државната ревизија, во Собранието на Република Македонија до пратениците се доставуваат сите конечни извештаи на ДЗР за извршена финансиска ревизија, ревизија на усогласеност и ревизија на успешност. Собранието на Република Македонија  и  Државниот завод за ревизија се во постојана комуникација во насока на изнаоѓање на соодветен модел за разгледување на конечните ревизорски извештаи со што би се постигнала поголема ефикасност и ефективност во спроведувањето на препораките дадени во ревизорските извештаи што ќе влијае на зајакнување на надзорот и контролата на трошењето на јавните финансиски средства.  

Пратениците изразија благодарност за гостопримството на Парламентот на Република Хрватска и Државниот завод за ревизија на Република Хрватска и се изрази надеж дека позитивните искуства од Парламентот на Република Хрватска што поскоро ќе се применат и во Собранието на Република Македонија. 

Click