Активности

Петок, 6 септември 2019 година

Студиска посета на собраниска делегација на Словенечкиот парламент

Делегација на Собранието на Република Северна Македонија од Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, во состав: Бетиан Китев, Зоран Илиоски, Реџаил Исмаили, Сурија Рашиди, Снежана Калеска-Ванчева и Ане Лашкоска, како и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова, заедно со претставници на собраниската служба, независните тела и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, од 3 до 5 септември 2019 година, оствари студиска посета на Словенечкиот парламент и самостојните државни органи. 

Целта на оваа студиска посета беше размена на искуства и добри практики при разгледувањето, усвојување и постапувањето по годишните извештаи, како и остварување на продуктивна и комплементарна соработка со овие независни тела со цел поефикасен парламентарен надзор. 

За таа цел беа остварени средби со претседателите на Комисијата за контрола на јавните финансии, Комисијата за петиции, човекови права и еднакви можности, Комисијата за правда и Комисијата за внатрешни работи, јавна администрација и локална самоуправа, како и со комисионерот за информации и претставници на Народниот правобранител. 

Покрај тоа, генералната секретарка Иванова оствари и одделни средби со генералните секретари на Долниот и Горниот дом на Парламентот на Република Словенија, Зоре Тавчар и Душан Штраус, на кои се разменија искуства и знаења во насока на постигнување на демократски, ефикасен и транспарентен законодавен процес. 

Оваа студиска посета е дел од активностите на Мисијата на ОБСЕ во Скопје насочени кон зајакнување на надзорната улога на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

Click