Активности

Вторник, 5 ноември 2019 година

Студиска посета во Eстонија на тема: „Вклучување на граѓаните во градење на безбедно е-општество“

Во перидот од 2 до 8 ноември, собраниска делегација составена од пратениците Зоран Илиоски, Татјана Прентовиќ, Ане Лашкоска, Агим Шаќири и Тања Ковачев, учествува на студиска посета во Талин, Естонија, на тема „Вклучување на граѓаните во градење на безбедно е-Општество“. Посетата е организирана од Меѓународниот републикански институт (ИРИ) во рамките на Партнерството за демократија на американскиот конгрес (House Democracy Partnership) и во соработка со естонската е-Управување академија  (E-Governance Academy).

На студиската посета пратениците имаат можност да се запознаат со просецот на трансформација на Естонија во држава која применува е-управување и е-учество во сите сфери на политичкиот систем и јавниот сектор, процесот на развој на е-Влада, националната политика и координација за сајбербезбедност, интероперабилната рамка и ИКТ координација во јавниот сектор, како и интеграцијата на владините електронски информации.

Посебен дел е посветен на запознавање со неопходната легислативна рамка за функционирање на дигитално општество, заштитата и остварување на граѓанските права и заштита на податоците на граѓаните.

Пратениците, исто така, имаа презентација со која ги запознаа учесниците на студиската посета со „Дигитализацијата во јавната администрација во Северна Македонија“.

На оваа студиска посета исто така учествуваат и пратеници од Ерменија, Грузија и Украина, како и директорите за комуникации на конгресмените Дејвид Прајс, копретседавач и Керол Милер, членка на Партнерството за демократија на американскиот конгрес.

Студиската посета е финансирана од Агенцијата на Соединетите Американски Држави за меѓународен развој (УСАИД).

Click