Активности

Четврток, 22 март 2018 година

Транспортните коридори се иднината на Регионот 

Делегацијата од Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Бугарија, предводена од потпретседателката на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Фросина Ташевска Ременски, денеска оствари средба со г. Димитар Савов, директор во Министерството за транспорт, информациски технологии и комуникации на Република Бугарија.

Потпретседателката Ременски ја искажа посветеноста на Владата во рамките на Берлинскиот процес за интензивирање на соработката и поднесувањето апликации во интерес на регионалната соработка и инфраструктурното поврзување на регионот, вклучително и на подобрување на внатрешната патна и железничка инфраструктура во земјата. Таа посочи на неопходноста за целосна рехабилитација и операционализација на железничката и патната инфраструктура од Коридорот 8, кој ги поврзува Република Македонија и Република Бугарија, но и другите земји од регионот. Потпретседателката Ременски изрази надеж дека видливата посветеност на двете влади на оперативно ниво соодветно да ги поврзат двете земји, ќе вроди со конкретни резултати наскоро и искажа подготвеност на Владата за искористување на сите фондови и на Собранието за донесување на конкретната легислатива за реализација на овие цели.

Господин Савов изрази жалење што децениските заложби на двете влади за подобрување на инфраструктурата меѓу двете држави останале без конкретно спроведување, заради неможноста да се обезбедат потребните финансиски средства за нивна имплементација. Актуелната одлична соработка меѓу двете министерства за транспорт и поддршката од Европската комисија за рехабилитација на клучните делници се очекува да ги покаже конечните резултати со целосно заокружување на железницата долж Коридорот 8 до 2026-2027 година и меѓу другото, отворање на граничниот премин Клепало-Берово за неколку години.

Присутните беа согласни дека инфрастуктурните проекти на Коридорот 8 ќе придонесат за подобрување на економијата, протокот на услуги и капитал, на туризмот во сите земји и ќе обезбедат пристап до алтернативни пристаништа кои од објективни причини во моментов не се економски исплатливи за нивно користење.

Click