Активности

Петок, 31 јануари 2020 година

ТРЕТ ЖАН МОНЕ ДИЈАЛОГ ЗА МИР И ДЕМОКРАТИЈА

На 31 јануари и 1 февруари 2020 година, во Собранието се одржува Третиот Жан Моне дијалог за мир и демократија, развиен од Европскиот парламент како алатка на меката моќ во областа на парламентарната медијација.

Со сесиите копретседаваат претседателот на Собранието, Талат Џафери и тројцата европратениците: Андреас Шидер и Марион Валсман, претседател и потпретседателка на Делегацијата во Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ - Северна Македонија и Илхан Кјучук, постојан известител за нашата земја.

Претседателот Џафери информира дека во фокусот на Дијалогот е продолжување на дискусијата за постигнување на усогласеност на ставовите за изготвување на што е можно поконсензуален Деловник за работата на Собранието, како најзначајната алатка за неговото функционирање, со цел истиот да не биде пречка, кочничар или блокатор на толку потребните реформи во општеството, во државата и во нашиот менталитет во крајна инстанца.

„Наша цел е да се зајакне улогата на Собранието, и убедени сме дека овој дијалог нуди вистинска можност да се стави Собранието не само во центарот на градење консензус во врска со законодавството за поддршка на реформската агенда на ЕУ, туку и да ja предводи реформската агeнда, употребувајќи ja сета своја важна демократска легитимност, контролна и легислативнa надлежност затоа што се познати нашите стратешки определби, односно членството во НАТО и ЕУ, а за тоа се потребни функционални институции, функционално Собрание“, истакна претседателот Џафери.

Во воведната пленарна сесија поздравни зборови и преглед на неодамнешните случувања, даде и генералната секретарка на нашиот законодавен дом, Цветанка Иванова. 

Во работата учествуваат и потпретседателите на Собранието, координаторите на Пратеничките групи и претставници на парламентарните партии во Собранието, како и евроамбасадорот Самуел Жбогар, додека експертска интервенција за законодавното планирање и собранискиот календар ќе даде Лусиен Атар од Генералниот директорат за претседателство.

За крај е предвидено донесување заклучоци и следни чекори.

Click