Активности

Среда, 6 септември 2017 година

Трета седница на Комисијата за транспорт, врски и екологија

Комисијата за транспорт, врски и екологија на Собранието на Република Македонија, на вчерашната 3. седница, како матично работно тело, во скратена постапка, го разгледа Предлог-законот за изменување на Законот за aудио и аудиовизуелни медиумски услуги (поднесен од пратениците: Томислав Тунтев, Ејуп Аљими и Весел Мемеди).

На седницата на Комисијата, во својство на претставник од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, присуствуваше г. Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата.

Претседателот на Комисијата, г-ѓа Лилјана Затуроска, ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, не се поднесени амандмани по Предлогот на законот.

Претставникот на предлагачите, пратеникот Весел Мемеди, ја образложи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот. 

Тој истакна дека со предложените измени ќе се укине радиодифузната такса. Финансирањето на МРТ повеќе нема да биде со плаќање на радиодифузна такса, како задолжителна давачка на граѓаните. МРТ ќе се финансира комбинирано од Буџетот на Република Македонија и други средства од приходи на кабелските оператори и од приходи остварени со продажбата на програма произведена во МРТ. Ослободувањето од плаќањето на оваа јавна давачка е поволно решение за граѓаните на Република Македонија, како за корисниците на јавниот сервис, така и за оние што не се негови корисници. Начинот на финансирање наместо да се подобрува и да биде поприфатлив за граѓаните, тој постојано се менувал на штета на корисниците. Листата на плаќачи се зголемувала со воведување нова категорија на обврзници за плаќање на радиодифузна такса. Радиодифузната такса била зголемена од 130 на 190 денари, при што најпогодени се граѓаните. Откако било предвидено таксата да ја наплаќа Управата за јавни приходи, граѓаните имаат блокирани сметки во голем број случаи, претежно неосновано поради неажурното функционирање на јавниот сервис.

Во дискусија по Предлогот на законот учествуваа пратениците Благоја Деспотоски, Драган Данев, Благој Бочварски и Панчо Минов.

Директорот на Агенцијата, г. Зоран Трајчевски, истакна дека предлогот за укинување на радиодифузната такса е спротивен на европските практики и директиви и не води кон зголемување на независност на медиумот како и ослободување од политичките влијанија и од центрите на  економска моќ. Со предложеното законско решение се предвидува 0,5 % од Буџетот на Република Македонија да биде наменет за сите субјекти кои се финансираат. Тој изрази сомнеж дека предвидените буџетски средства ќе бидат навреме исплатувани до Агенцијата, имајќи предвид дека Министерството за финансии не го почитува Изборниот законик и не префрла навремено средства за веќе распишаните локални избори.

По расправата Комисијата за транспорт, врски и екологија, го проследи Предлогот на законот за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија. 

Click