Активности

Среда, 11 септември 2019 година

Триесет и деветта седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Северна Македонија на вчерашната 39. седница, како матично работно тело, го разгледа Годишниот извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија во 2018 година.

Воведно образложение по Извештајот даде претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, Марко Бислимоски. Тој истакна дека во текот на 2018 година бил донесен нов Закон за енергетика од кој произлегле низа обврски за Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и притоа биле донесени повеќе подзаконски акти.

Во однос на пазарот на електрична енергија, истакна дека во 2018 година потрошувачката на електрична енергија бележи минимален пораст од 0,19%, во однос на 2017 година. Постои зголемување и на домашното производство на електрична енергија.

Во текот на минатата година, после неколку години, е забележана продажба на вишоци на произведена енергија од страна на електрани на Северна Македонија и остварени приходи во износ од околу 22 милиони евра. Продолжил трендот на намалување на загубите на електрична енергија во дистрибутивната мрежа, додека пак во преносната мрежа има одреден пораст на загубите поради зголемените транзити на електрична енергија. На слободниот пазар на електрична енергија се активни 10 снабдувачи кои продаваат електрична енергија на потрошувачите по пазарни цени.

Во врска со пазарот на природен гас, состојбата е непромената во однос на 2017 година. Тој е недоволно развиен и во моментов функционира само една преносна мрежа, која е управувана од ГА-МА. Во текот на 2018 година е забележан и пораст на потрошувачката на топлинска енергија.

Што се однесува на пазарот за нафта и нафтени деривати, беше истакнато дека лани Регулаторната комисија ги носела одлуките врз основа на методологијата предвидена со Анексот Д од Договорот за купопродажба на АД Окта, која целосно зависела од цената на нафтата и нафтените деривати на светските берзи, како и курсот на доларот. И новата методологија која се донела во текот на 2019 година најмногу зависи од овие две компоненти. Најголем дел од увозот на нафта и нафтени деривати се врши од Република Грција, а помал дел од Република Србија и Република Албанија.

Во текот на 2018 година, Регулаторната комисија остварила и значајна меѓународна активност. Од страна на Енергетската заедница, истата била рангирана на прво место во делот на имплементацијата на Третиот енергетски пакет.

Во однос на водните услуги, претседателот на Комисијата информираше дека во ноември 2018 година Регулаторната комисија има донесно 150-160 одлуки коишто се однесуваат на утврдување на минимален и максимален приход кај комуналните претпријатија коишто се помали, односно кои функционираат во општините со помалку од 10.000 жители.

Во претресот учествуваа пратениците Драган Цуклев, Благоја Деспотоски и Реџаиљ Исмаили. Врз основа на расправата, Комисијата за економски прашања со седум гласа „за“ заклучи да му предложи на Собранието на Република Северна Македонија да го усвои следниот Заклучок:

  1. Собранието на Република Северна Македонија го разгледа Годишниот извештај за работата на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија во 2018 година;
  2. Овој заклучок заедно со Извештајот на Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Северна Македонија да се достави до Владата на Република Северна Македонија, Министерството за економија и Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија.
Click