Активности

Вторник, 11 декември 2018 година

Триесет и деветта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на денешната 39. Седница, како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Договор за заем, наменет за финансирање на проектот „Ветерен парк Богданци-втора фаза“, кој ќе се склучи меѓу Кредитната банка за обнова – КФВ и АД ЕЛЕМ, (по скратена постапка).

Воведно образложение по поднесениот Предлог на закон даде заменикот на министерот за финансии, Ширете Елези. Таа истакна дека реализацијата на втората фаза од овој проект има за цел искористување на ветрот како обновлив извор на енергија преку изградба на ветерни електрани со цел постигнување на дополнително годишно производство од 37 GWh природно одржлива енергија. Со реализација на оваа фаза ќе се зголеми учеството на обновливите извори на енергија, ќе ги избегнат емисиите на стакленички гасови преку искористување на обновливите извори на енергија, како и ќе се диверзифицираат изворите на енергија во земјата. Целокупната развојна цел на проектот е да се придонесе за заштитата на климата и животната средина, преку обезбедување обновливи енергии и одржлив економски раст и социјален развој. Основно начело врз основа на кое се заснова предложениот Закон е обезбедување на финансиски средства за реализација на проектот „Ветерен парк Богданци – втора фаза“. Оттука, Република Македонија и КфВ ќе склучат Договор за гаранција на АД ЕЛЕМ за финансирање на проектот „Ветерен парк Богданци – втора фаза“, додека КфВ и АД ЕЛЕМ, ќе склучат Договор за заем за дополнително финансирање на проектот, во износ од 18.000.000 евра.         

Во рокот утврден со Деловникот на Собранието, на Предлогот на законот не беа поднесени амандмани од овластени предлагачи, а во расправата учествуваше пратеникот Благоја Деспотоски.

На крајот од расправата, Комисијата го проследи Предлог на законот на натамошна постапка во Собранието.
       

Click