Активности

Четврток, 13 декември 2018 година

Триесет и осма седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на Триесет и осмата седница, како матично работно тело, ги разгледа:

  1. Предлог-законот за данокот на личен доход, по скратена постапка;
  2. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, по скратена постапка;
  3. Предлог-законот за изменување и  дополнување на Законот за Царинската управа, по скратена постапка (поднесен од: Јован Митрески, Ејуп Алими, Диме Велковски и Реџаиљ Исмаили);
  4. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити - I читање.

- Воведно образложение по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, даде министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Согласно постојните законски одредби, придонесот за задолжително пензиско и инвалидско осигурување се плаќа по стапка од 18%, а придонесот за задолжително здравствено осигурување по стапка од 7,3%. Во насока на обезбедување на постабилни приходи на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија и Фондот за здравствено осигурување на Македонија, потребно е да се изврши зголемување на висината на стапките по кои се плаќаат овие придонеси.

Измените и дополнувањата произлегуваат и од потребата за усогласување на одредбите од овој закон со Законот за заштита на децата, со цел децата со пречки во развојот и со специфични потреби за кои се користи правото на посебен додаток согласно Законот за заштита на децата да можат да го остварат правото на здравствено осигурување, како и усогласување со одредбите од Законот за практикантство кои уредуваат дека работодавачот има обврска да плати придонес врз основа на инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа или професионална болест и дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување за случај на повреда на работа и професионално заболување за практикантите.

Исто така, потребно е да се уредат прашањата поврзани со вклучувањето во системот на задолжително социјално осигурување на лицата регистрирани како вршители на самостојна дејност за трговија на мало на тезги и пазари, запишани во регистарот на Комората на трговци на Македонија.

Во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, на Предлогот на законот не беа поднесени амандмани од овластени предлагачи. Комисијата го проследи истиот на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

- Воведно образложение по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за Царинската управа, во име на предлагачите, даде пратеникот Реџаиљ Исмаили. 

Со предложениот закон се усогласува постојното законско решение со Законот за административни службеници, по однос на работните места и звања на помошно-стручните царински службеници, како и посебните услови за работното место. Понатаму, се предлага вработените во Царинската управа кои не се административни службеници да може според потребата, а согласно Законот за административни службеници, Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за работни односи да се распоредат на соодветно место на царинските службеници доколку ги исполнуваат условите предвидени во актот за систематизација на работните места во Царинската управа и доколку во рок од 6 месеци го положат стручниот испит за царински службеници во Царинската управа.

Во претресот учествуваа пратениците Реџаиљ Исмаили, Лилјана Кузмановска и Зоран Илиоски.

Во доставеното мислење, Владата му предлага на Собранието на Република Македонија да не ги носи предложените изменувања и дополнувања на Законот за Царинска управа, без претходно утврдување на законитоста и оправданоста за нивно донесување во координација со надлежните институции, а дополнително би се избегнале и две измени на еден ист закон во краток временски период.

Во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија на Предлогот на законот не беа поднесени амандмани од овластени предлагачи и Комисијата го проследи на натамошна постапка во Собранието.

- По Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити, воведно образложение даде министерот Тевдовски.

Тој истакна дека согласно Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити, пред потрошувачот да се обврзе со понуда или со договор за потрошувачки кредит, кредиторот е должен во писмена форма или преку друг траен медиум на потрошувачот да му дадат информации со цел донесување на одлука за склучување на договорот за кредит. Информациите, меѓу другото, се однесуваат и на годишната стапка на вкупни трошоци и вкупниот износ што го плаќа потрошувачот, претставени преку репрезентативен примерок во кој се наведени сите претпоставки за пресметка на годишната стапка на вкупни трошоци.

Годишна стапка на вкупни трошоци (СВТ), согласно законот, се вкупните трошоци на кредитот (камати, провизии, даноци и кои било други надоместоци во врска со договорот за потрошувачки кредит кои потрошувачот треба да ги плати при одобрувањето и редовната отплата на кредитот и кои му се познати на кредиторот), изразени како годишен процент од вкупниот износ на кредитот. 

Имајќи предвид дека годишната стапка на вкупни трошоци не е ограничена, кредиторите пресметуваат високи надоместоци и провизии при одобрувањето на потрошувачките кредити. Ваквата состојба е особено изразена кај договорите за кредит на мали износи и со кратки рокови на враќање.

Според искуството на дел од земјите во ЕУ, а во насока на намалување на ризикот од дополнително влошување на состојбата на лицата кои имаат проблеми со отплата на кредитите, предложените измени и дополнувања предвидуваат намалување на трошоците кои граѓаните ги плаќаат при одобрување и отплата на потрошувачките кредити.

Комисијата со 7 гласа „за“ заклучи дека овој Предлог-закон е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- Во однос на Предлог-законот за данокот на личен доход, изготвен е дополнет предлог во кои се вградени усвоените амандмани. 

Click