Активности

Петок, 15 март 2019 година

Триесет и осма седница на Комисијата за транспорт, врски и екологија

Комисијата за транспорт, врски и екологија на Собранието на Република Северна Македонија, на денешната 38. седница, како матично работно тело ги разгледа:

  • Предлог-национална програма за железничка инфраструктура за период од 2019 - 2021 година;
  • Предлогот на законот за електронско управување и електронски услуги - II читање.

На седницата на Комисијата, во својство на претставник на Владата на Република Северна Македонија, присуствуваше и ја образложи Предлог-националната програма министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески. Во дискусијата покрај министерот Сугарески, учествуваа и пратениците: Драган Цуклев, Лилјана Затуроска, Благоја Деспотоски и Реџаиљ Исмаили.

Пратеникот Драган Цуклев во својата дискусија укажа дека во Предлогот на националната програма е евидентно отсуството на економска оправданост за предвидените проекти и се интересираше во однос на тоа до каде се активностите за реализирање на проектот од другата страна на границата.

Министерот Сугарески одговори дека е склучен Меморандум со Република Бугарија во којшто јасно се предвидени рокови до кога треба да се реалзира агендата за изградба, а во врска со економската оправданост нагласи дека постои Физибилити студија која е обемна и затоа не е внесена во Програмата, но може да се види на увид во Министерството за транспорт и врски, што беше прифатено од претседателката на Комисијата, Лилјана Затуроска.

Пратеникот Благоја Деспотоски дискутираше во насока на тоа дека треба да се зголеми безбедноста на железничкиот сообраќај, нагласувајќи го Коридорот 10, потоа побара да се ангажира странски експерт околу безбедносните превенциски мерки на Коридорот 10 и дискутираше за економската исплатливост на проектите. Поддржувањето на Предлог-националната програма го услови со изготвување на мини студија за реализација на пругата од Коридорот 10 и пругата кон градот Кичево во однос на безбедноста и брзината на сообраќајот.

Министерот Сугарески даде објаснување во делот на средствата дека треба да се гради, но и да се одржува постоечкото и воедно ги прифати сугестиите во делот на безбедноста во железничкиот сообраќај. Во делот на одржувањето и модернизација на пругите, нагласи дека се вложени 560 милиони денари.

Пратеникот Реџаиљ Исмили, поддржувајќи ја потребата од донесување на Предлог-националната програма рече дека е потребно што побрзо довршување на Коридорот 8, Коридорот 10 и гасификацијата.

Во однос на Предлогот на законот за електронско управување и електронски услуги, претседателката на Комисијата, Затуроска, ги извести пратениците дека во рокот утврден со Деловникот, не се поднесени амандмани на Предлогот на законот. Врз основа на член 149 став 2 од Деловникот на Собранието, Комисијата поднесе два амандмана, кои беа едногласно усвоени.

Комисијата за транспорт, врски и екологија ги проследи и Предлог-национална програма и Предлогот на законот за електронско управување и електронски услуги на натамошна постапка во Собранието.  

Click