Активности

Вторник, 23 јули 2019 година

Триесет и седма седница на Комисијата за економски прашања     

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Северна Македонија на денешната 37. седница, како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за концесии и јавно приватно партнерство, поднесен од пратениците Хари Локвенец, Агим Шаќири, Ристе Ташев, Мирослав Јовановиќ и Анета Симеска Димеска (по скратена постапка).

Воведно образложение по Предлогот на закон даде претставник на предлагачите, пратеникот Хари Локвенец. Тој истакна дека цел на Предлог Законот за изменување и дополнување  на Законот за концесии и јавно приватно партнерство  е законски да се  уреди новонастаната  состојба кога се создале такви околности од кои произлегува дека исполнувањето на договорената обврска помеѓу страните нема да го даде очекуваниот резултат кој впрочем бил примарната цел за склучување на таквиот договорот. Имено, кога ќе се утврди дека предметот на договорот повеќе  не е целисходен за договорните страни, потребно е да се предвиди законска можност за пренамена на договорената инвестиција со претходно добиена согласност од надлежен орган, па наместо договорената обврска, инвестицијата во полн износ да биде исполнета во добра од општ интерес. Со Предлог законот во членот 41 се додаваат 3 нови става кои гласат:

  • Анекс договорот може да биде склучен по иницијатива на концесионерот или приватниот партнер доколку концесионерот или приватниот партнер достави извештај со кој се потврдува дека предметот на договорот не може да се реализира, како последица од надворешни и друг вид на објективни влијанија.
  • Во случај на склучување на анекс на договорот од ставoт 4 на овој член, концесионерот или приватниот партнер е должен да достави програма за пренасочување на средствата предвидени за реализација на договорот во полн износ, по претходно добиена согласност од Владата, општината или градот Скопје.
  • Пренасочувањето на средствата предвидени со програмата од ставот 5 на овој член треба да биде извршено во други општествени или комунални дејности од интерес за државата, општините или градот Скопје.  Во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија на Предлогот на законот не беа поднесени амандмани од овластени предлагачи.

Во претресот учествуваа пратениците Лилјана Кузмановска и Хари Локвенец.

Во расправата беа изнесени следните мислења и забелешки:

  • Со Предлогот на закон се предвидени и одредени заштитни механизми, сепак постои сомнеж дека во иднина се можни злоупотреби при склучување на одредени анекс договори во делот на преалокација на финансиски средства.
  • Со предложените измени се овозможува постоечките заштитни механизми кои се однесуваат на концедентот и се дел од постоечките одредби од Законот за концесии и јавно приватно партнерство во членот 41 да можат да важат и за концесионерот.
  • Причината за предложените измени е што во ситуација кога концесионерот има одредена обврска за реализација на концесискиот договор, концесионерот ги стекнува сознанијата од моменталната ситуација на терен и концесионерот мора да ја покрене иницијативата за склучување на Анекс на договорот, а не Владата и јавните установи.

Комисијата за економски прашања Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за концесии и јавно приватно партнерство го проследи на натамошна постапка во Собранието.

Click