Активности

Понеделник, 26 февруари 2018 година

Тринаесетта Конференција на КОСАП

Денеска, во Собранието на Република Македонија започна 13. Конференција на парламентарните комисии за европски прашања/интеграции на државите опфатени во процесот за стабилизација и асоцијација од Југоисточна Европа-КОСАП.

Конференцијата свечено ја отвори и претседаваше претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, г. Артан Груби, а свое поздравно обраќање имаше и претседателот на Собранието, г. Талат Џафери.

Претседавачот Груби им посака топло добредојде во Собранието и Комисијата за европски прашања како домаќин на 13. Конференција на парламентарните комисии за европски прашања на земјите опфатени во процесот на стабилизација и асоцијација на Југоисточна Европа. Воедно посочи дека денешниот собир е вистинскиот форум за да се разговара отворено околу некои прашања кои што се актуелни.

Во рамки на Конференцијата се одржаа две работни сесии кои се дел од еден ист процес, односно исполнување на ЕУ реформите  за зачленување во Унијата.

На првата сесија на тема: Европска перспектива на Западен Балкан, гостите говорници амбасадорот на ЕУ во Македонија, г. Самуел Жбогар, член на Европскиот парламент, г. Едуард Кукан, како и г. Кристијан Вигенин, претседател на Комисијата за европски прашања и контрола на Европските фондови дискутираа за ЕУ Стратегија за Западен Балкан: Кредибилна перспектива на проширувањето и зајакнат ангажман на ЕУ за Западен Балкан, во пресрет на Извештаите за земјите од Европската Комисија и заклучоците на Советот на ЕУ во јуни.

Додека во однос на втората сесија на тема: Западен Балкан владеен од правото говорници беа амбасадорот на САД во Македонија, г. Џес Бејли, министерот за надворешни работи, г. Никола Димитров, европратеникот, г. Иво Вајгл и министерот за правда, г. Билен Салији.

Врз основа на дискусиите што беа искажани во текот на двете сесии, како претставник на  невладиниот сектор, кој и те како е вклучен во следење на евроинтегративните процеси на земјата, но и пошироко на  регионот,  г. Зоран Нечев од Институт за демократија „Societas civilis” (IDSCS) даде свои заклучни согледувања.

Претседавачот Груби изрази верување дека Конференција уште еднаш на јасен и недвосмислен начин ја покажа подготвеноста на парламентарците од земјите од овој регион заеднички да работат на неговото што поскорешно интегрирање во Европската унија.

На крајот од дискусијата од страна на членовите на 13. КОСАП Конференција во Скопје беше усвоена Заедничка изјава и следеа изјави за медиумите.

Click