Активности

Среда, 10 април 2019 година

Учество на Цветанка Иванова на Заседанието на Здружението на генерални секретари на парламенти

Генералната секретарка на Собранието на Република Северна Македонија, Цветанка Иванова учествува на Заседанието на Здружението на генералните секретари на парламентите (ЗГСП), што се одржува во рамките на 140. Собрание на Интерпарламентарната унија (6-10 април 2019 година, Доха, Катар).

На Заседанието на ЗГСП, меѓу другото, се дискутираше за придобивките и перспективите од регионалната соработка, како да се подобри квалитетот на законите, програмите за обука и размена на парламентарни службеници, службите за информирање и документација во парламентите, унапредувањето на транспарентноста и ефикасноста на парламентите, мерењето и евалуацијата на активностите на парламентарците и сл.

На маргините на заседанието на ЗГСП, генералната секретарка Иванова оствари бројни контакти со свои колеги од националните парламенти, како и неформални средби со генералниот секретар на Грчкиот парламент, Константинос  Атанасиу; генералната секретарка на Сенатот на Филипини, Мира Мари Виларика; генералниот секретар на Парламентот на Грузија и член на Извршниот комитет на ЗГСП, Гиви Миканадзе и генералната секретарка на Националното собрание на Бугарија, Стефана Караславова.

Здружението на генералните секретари на парламентите е консултативно тело на Интерпарламентарната унија, во кое членуваат генерални секретари на парламентите членки на ИПУ. На состаноците на Здружението на генералните секретари, што се одвиваат паралелно со редовните собранија на ИПУ, се разменуваат мислења за стручни прашања од работата на парламентите, при што членовите на Здружението подготвуваат извештаи и излагања за одредени теми и расправаат за нив.