Активности

Среда, 17 април 2019 година

Учество на собраниска делегација на 99. Рос-Рот семинар

Во заедничка организација на ПС на НАТО, Медитеранската и Специјалната група за Блискиот исток и Делегацијата на Парламентот на Република Турција во ПС на НАТО, од 12 до 14 април 2019 г. се одржа 99. Рос-Рот семинар посветен на безбедносните и хуманитарните аспекти на кризните состојби во Медитеранот и Блискиот исток. На овој настан учествуваа пратениците: Илија Димовски, шеф на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во ПС на НАТО, Катерина Кузмановска и потпретседателот на Собранието, Весел Мемеди, членови на Делегацијата. 

Семинарот го отворија Осман Ашкин Бак, шеф на Делегацијата на Парламентот на Република Турција во ПС на НАТО и Медлин Мун, претседател на ПС на НАТО, а пред учесниците се обратија Мустафа Шентоп, претседател на Големото народно собрание на Република Турција и Мевлут Чавушолу, министер за надворешни работи на Република Турција. 

Во прашањето поставено до Чавушолу, потпретседателот на Собранието Весел Мемеди се осврна на сириската криза и начинот како без последици да се управува со повеќеслојните меѓународни влијанија на големите и моќни светски сили, кои секоја за себе, го наметнуваат својот интерес пред останатите. Во одговорот кој содржеше кратка евалуација на турската политика кон Сирија, згрижувањето на преку 3,5 милиони сириски бегалци, борбата против ИСИЛ, министерот Чавушолу не пропушти пред овој респектиран аудиториум да го спомене значењето на Преспанскиот договор за Република Северна Македонија и нејзиното конечно интегрирање во НАТО како полноправна членка, како и имплементацијата на овој Договор која ќе придонесе кон натамошна европска и евроатлантска интеграција и безбедносна стабилизација на Западниот Балкан.

Семинарот се фокусираше на неколку тематски области: ситуацијата во Сирија; промени и стабилност во Централна Азија; миграцијата помеѓу хуманитарен и безбедносен предизвик; реформите, отпорот и идните предизвици во Голфскиот залив; Руската стратегија за Блискиот исток; Кинеските геополитички аспирации; последниот развој на настаните во Израелско-палестинскиот конфликта, а беше дискутирано и за прашањето на демократското управување и парламентарниот надзор на подрачјето на Блискиот исток и Северна Африка.

На темата посветена на миграцијата во регионот на МЕНА, Катерина Кузмановска даде краток осврт на актуелната состојба на мигрантските движења во Република Северна Македонија, со посебен акцент на последните случувања на јужната граница, кога поради „лажни вести" мигрантите згрижени во камповите близу Солун се придвижија кон Република Северна Македонија, при што имаше и изолирани инциденти. Полициските сили на двете држави во координирана акција спречија ескалација на настаните и ситуацијата за кратко време се стабилизираше.

Во дискусијата за израелско-палестинскиот конфликт, Мемеди го истакна карактерот на конфликот кој е тешко решлив и бара посеопфатен пристап во неговото апсолвирање, односно се наметнува потреба од мултилатерален одговор на кризните состојби, бидејќи досега се покажа дека секое замешување на само една држава во решавањето на билатералниот проблем, доведува до ескалација и тензии, наместо негово смирување.

Делегацијата оствари повеќе неформални контакти со учесниците на настанот и со своите колеги ги сподели актуелностите на политички план, визијата за идните геополитички случувања, очекувањата во процесот на евроатлантската перспектива на земјата, како и можности за соработка и активности од заеднички интерес.

Клучната цел на Рос-Рот семинарите е да го олесни дијалогот за прашањата на регионалната безбедност меѓу законодавците од НАТО и партнерските земји. Рос-Рот семинарите помагаат да се изгради чувство за партнерство и соработка на законодавно ниво и помагаат да се подобри меѓусебното разбирање меѓу законодавците од земјите на НАТО со нивните колеги во парламентите што не се членки,  за нивните различни проблеми и перспективи. Собранието на Република Северна Македонија, како асоцијативен член во ПС на НАТО, досега беше домаќин на 7 Рос-Рот семинари, од кои последниот се одржа во Скопје минатата година. 

Click