Активности

Вторник, 19 февруари 2019 година

Учество на Собраниска делегација на Интерпарламентарна конференција во Брисел

Претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, г-ѓа Лилјана Кузмановска и претседателот на Комисијата за економски прашања г. Горан Милевски присуствуваат на Интерпарламентарна конференција на тема: “Економска стабилност, координација и владеење во Европската Унија”.  

Конференцијата се одржува во Европскиот парламент во Брисел, Кралство Белгија од 17 до 20 февруари 2019 година. 

На Конференцијата се дискутираше за Повеќегодишната финансиска рамка 2021-2027, која го претставува Буџетот на Европската Унија за следните седум години. Буџетот на ЕУ се планира и реализира така што секогаш постои баланс, односно никогаш нема ниту суфицит, ниту дефицит, практика што е честа во националните економии. Оттука, јавните финансии на ЕУ и управувањето со истите се одликува со многу голема избалансираност, транспарентност и предвидливост. 

Во Повеќегодишната финансиска рамка 2021-2027 се планирани повеќе финансиски средства со цел остварување на политиките и програмите на ЕУ. Како најзначајни области кои се покриваат со програмите на Унијата се животната средина и климатските промени, демографијата, образованието, младите, развој на демократијата и човековите права, социјална инклузија, борба со сиромаштијата, квалитетно вработување и мобилност на работната сила, развој на конкурентноста, иновациите, истражување и развој, развој на информатичко општество и дигитализација.  

Во текот на дискусијата се изнесоа различните национални ставови по Повеќегодишната финансиска рамка 2021-2027. Потребно е во рамката да стои како ЕУ ќе се справи со климатските промени, можеби треба да се размисли за воведување на данок за загадување; кои се последиците и влијанието од Брегзит; дали ЕУ треба да воведе нови програми за покривање на потребите на европските граѓани; да се планираат повеќе средства за миграција, дигитализација и одбрана. 

Заземен е заеднички став дека европскиот буџет треба да се зајакне, за финансирање на новите инвестиции потребни се дополнителни средства, треба да се зголеми буџетот за да се одговори на предизвиците, како и да се избалансираат приходите по Брегзит.  На Конференцијата се дискутираше и за законодавството на ЕУ со кое се регулира даночната политика, за мерките кои се превземаат против даночната евазија и спречувањето на перење на пари.

Click