Активности

Вторник, 21 ноември 2017 година, Брисел

Учество на собраниска делегација на тркалезна маса во Брисел

Пратениците на Собранието на Република Македонија во состав Артан Груби, Никола Попоски и Фадил Зендели, вчера и денеска учествуваат на Конференција посветена на интеграцијата на земјите од Западен Балкан кон Европската унија во Европскиот парламент во Брисел.

На Конференцијата особен акцент беше ставен на силната заинтересираност на Европската унија кон стабилизација на приликите на европскиот континент, при што беше потенцирано дека таквата стабилизација нема да се постигне сè додека земјите од Западен Балкан не станат дел од Унијата.

Од страна на пратениците во Европскиот парламент беше испратената силната порака дека проширувањето на Унијата ќе продолжи, дека земјите од Западен Балкан, во согласност со степенот на реализација и исполнување на неопходните критериуми, имаат јасна перспектива во наредниот период да се приклучат кон ова семејство.Пратениците имаа активно учество за време на сите сесии на Конференцијата.

Пратеникот Груби информираше за текот на реформскиот процес во Македонија, за посветеноста на новото мнозинство да ги зацврсти поставените задачи од Брисел сè со цел до крајот на годината да добиеме безусловена препорака за отпочнување на преговорите, па дури и конкретен датум за отпочнување на истите.

Пратеникот Попоски упати апел до претставниците на Унијата за поголема нивна присутност и визибилност во Република Македонија, како и за поголема соработка на сите земји од регионот во поглед на европска агенда. Успехот во интеграцијата зависи од можноста за поголема контрола на Владата од страна на Собранието, рече Поповски.

Пратеникот Зендели имаше свое обраќање на сесијата посветена на користењето на ИПА-2 инструментот. Во смисла на оваа тема, пратеникот истакна дека ИПА фондовите се средство и тенденција на Унијата за достигнување на европските стандарди во интерес на граѓаните на нашата земја и дека со таквата финансиска помош Република Македонија има шанси да го модернизира и унапредува своето општество.

Конференцијата претставува исклучителна можност за средби и состаноци на пратениците со колегите од националните парламенти, со колегите од Европскиот парламент како и со високите претставници од Европската комисија и различните Агенции присутни на Конференцијата.

Конференцијата завршува со присуство на пратениците на Комисијата за надворешна политика на ЕП-АФЕТ, каде што пратеникот Груби ќе има свое обраќање.

Click