Активности

Петок, 22 февруари 2019 година, Виена

Улогата на ОБСЕ од круцијално значење во вонредна или воена состојба

Парламентарното собрание на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ПС на ОБСЕ), ја одржа својата редовна Зимска сесија на 21 и 22 февруари 2019 година во Виена, Австрија, на која учествуваа над 250 парламентарци од 53 земји учеснички и четири земји партнери на ОБСЕ. 

На оваа сесија од Собранието на Република Македонија учествуваа Владимир Ѓорчев, шеф на Делегацијата, Јагода Шахпаска и Реџаиљ Исмаили, членови на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во ПС на ОБСЕ. 

Во рамките на 18. зимска сесија беа одржани: седница на Постојаниот комитет на ПС на ОБСЕ, одделни седници на Постојаната комисија за демократија, човекови права и хуманитарни прашања, на која се дискутираше за опсегот на легитимните ограничувања на човековите права во вонредна состојба; Постојаната комисија за економски прашања, наука, технологија и животна средина, на која се дискутираше за добро владеење во областа на борбата против корупцијата, перењето пари и финансирањето на тероризмот во регионот  на ОБСЕ;  Постојаната комисија за политички прашања и безбедност, на која се дискутираше за Решавање на долготрајните конфликти: алатки и механизми на ОБСЕ.

Пратениците Јагода Шахпаска и Реџаиљ Исмаили учествуваа и на состанокот на  „Групата за поддршка на Патот на свилата“ („Silk Road Support Group“) на ПС на ОБСЕ што се одржа на 20 февруари 2019 година, во својство на членови на оваа група од Делегацијата на Собранието на Република Македонија во ПС на ОБСЕ.

Во дебатата на Постојаната комисија за демократија, човекови права и хуманитарни прашања за опсегот на легитимните ограничувања на човековите права во вонредна состојба учествуваше и пратеничката Шахпаска, која на почетокот на нејзиниот говор истакна дека нашата делегација за прв пат учествува на оваа Зимска сесија на ПС на ОБСЕ под името Република Северна Македонија и наведе дека со потпишување на Преспанскиот договор со Грција се стави крај на речиси тридеценискиот спор околу името. Потоа, таа ги информираше учесниците дека по потпишувањето на Пристапниот протокол за членство во НАТО, истиот е веќе ратификуван од неколку парламенти на земјите членки на Алијансата и со завршување на ратификацијата, Република Северна Македонија ќе стане 30-та полноправна членка на НАТО.

Во продолжение, Шахпаска се осврна на настаните од 27 април 2017 година, при што беа нападнати народните претставници и беше загрозен уставниот поредок на државата, додавајќи дека овие настани ги доведоа во прашање човековите права во вонредни состојби. Притоа, таа истакна дека му е дадена шанса на помирувањето кое е нужно за реализирање на стратешките определби на нашата земја - интеграциите во ЕУ и НАТО.

Таа наведе дека Уставот на Република Северна Македонија ја дефинира воената и вонредната сотојба, при што точно се определени и обврските и задачите на Парламентот. Секоја земја при креирање на сопствените политики, треба да ги почитува меѓународните норми пропишани со меѓународните договори, како Европската конвенција за човекови права и основни слободи и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, според кои одредени права не се дерогираат во ниту една околност: право на живот, забрана за мачење, забрана на ропство, хумано однесување кон сите лица лишени од слобода, забрана за земање заложници и недозволено затворање и др.

На крајот, Шахпаска истакна дека освен националните парламенти, судскиот систем, цивилното општество, соседните држави и меѓународната заедница, кои имаат важна улога во заштитата од злоупотреба на овластувањата во случај на вонредна или воена состојба, улогата на ОБСЕ како значајна регионална организација во областа на безбедноста, контрола на оружјето, доверба и сигурност, почитување на човековите права и слободи, демократизација на државите во услови на воена и вонредна состојба е од круцијално значење.

На заедничка сесија на трите генерални комитети на учесниците со поздравни говори им се обратија г. Волфганг Соботка, претседател на Националниот совет на Австрија, г. Георге Церетели, претседател на ПС на ОБСЕ, г. Мирослав Лајчак, претседавач на ОБСЕ и министер за надворешни работи на Словачка, г. Томас Гремингер, генерален секретар на ОБСЕ. 

Click