Активности

Четврток, 27 декември 2018 година

Усвоени заклучоците од Јавната расправа за енормното загадување на амбиентниот воздух 

Комисијата за транспорт, врски и екологија  на Собранието на Република Македонија, на 30. седницата одржана на 27 ноември и 25 декември 2018 година, како матично работно тело одржа Јавна расправа на тема: „Енормно загадување на амбиентниот воздух во Република Македонија“.

На седницата на Комисијата за транспорт, врски и екологија во својство на претставник на Владата на Република Македонија присуствуваше Јани Макрадули, заменик на министерот за животна средина и просторно планирање; Драган Јованов, канцеларија на претседателот на Владата на Република Македонија; Петре Шилегов, градоначалник на град Скопје; Драган Јованов, канцеларија на претседателот на Владата на Република Македонија; Никола Наумоски, шеф на кабинетот на градоначалникот на град Скопје и Цветанка Икономова Мартиновска, град Скопје.

Информацијата за енормно загадување на амбиентниот воздух во Република Македонија ја образложи претставникот на предлагачите пратеникот Влатко Ѓорчев.

Во дискусија по Информацијата учествуваа: Јани Макрадули, заменик на министерот за животна средина и просторно планирање; Петре Шилегов, градоначалник на град Скопје; Никола Наумоски, шеф на кабинетот на градоначалникот на град Скопје; Драган Јованов, канцеларија на претседателот на Владата на Република Македонија; Стојан Лешоски, Граѓанска организација Еко свест; Светлана Станојковска, Граѓанска организација Еко-Фемина; Билјана Стевановска, Граѓанска организација ОРТ; Драган Ѓоѓев, Институт за јавно здравје; Нгадњим Мемети, Граѓанска организација Еко Герила; Татјана Чакулев, Граѓанска организација O2 Иницијатива; Душко Груевски, Граѓанска организација Битола сака чист воздух; Константин Атанасовски, Граѓанска организација Еко Скоп; пратениците: Дафина Стојаноска, Лилјана Поповска, Диме Велковски, Маја Морачанин, Трајчо Димков, Панчо Минов, Благоја Деспотовски и Благојче Трпевски.

Комисијата за транспорт, врски и екологија на Собранието на Република Македонија на Јавната расправа на тема: „Енормно загадување на амбиентниот воздух во Република Македонија“ едногласно ги усвои следниве Заклучоци:

  • Се препорачува Министерството за животна средина и просторно планирање, согласно член 42 од Законот за животна средина, во рок од еден месец да собере информации од општините, градот Скопје и општините во градот Скопје, каде има изработен Катастар на загадувачи и истите информации да ги достави до Собранието на Република Македонија. Оние општини кои што немаат изработен катастар на загадувачи тоа да го направат во најкраток рок; 
  • Се препорачува Министерството за животна средина и просторно планирање во рок од еден месец да детектира извори на загадување на воздухот и да достави извештај до Собранието на Република Македонија;
  • Да се сервисираат и стават во функција сите мерни станици на државниот мониторинг систем најкасно до крајот на септември 2019 година;
  • Се препорачува Министерството за животна средина и просторно планирање, да направи анализа за потребите од повеќе еколошки мерни станици и да обезбеди средства за повеќе мобилни мерни инструменти;
  • Да се обезбедат средства за набавка на автобуси со ниски емисии за Скопје и поголемите градови кои што имаат градски превоз;
  • Да се обезбедат субвенции за набавка на електрични и хибридни возила;
  • Се препорачува Министерството за економија, согласно усвоената програма да обезбеди дополнителни средства за набавка на печки на пелети со субвенционирање;
  • Се препорачува Министерството за внатрешни работи, при надминување на прагот на алармирање за висока загаденост, да го спроведува Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата;
  • Се препорачува Министерството за труд и социјална политика, во рамки на Програмата за енергетска сиромаштија да се предвидат поголем број на средства;
  • Да се забрза процесот на гасификација на територија на Република Македонија и подготовка за изградба на секундарна гасификациона инфраструктурна мрежа;
  • Доколку временските услови дозволуваат општините, градот Скопје и општините во градот Скопје, најмалку по два пати во текот на денот да ги мијат булеварите и улиците;
  • При надминување на прагот на алармирање за висока загаденост да се овозможи бесплатен градски превоз за сите граѓани;
  • Се препорачува Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за животна средина и просторно планирање, во рок од два месеци, до Собранието на Република Македонија да ги достават Предлог на законот за инспекција во животната средина и Предлог законот за инспекциски надзор;
  • Градот Скопје и сите останати општини, да ги зголемат зелените површини во градските подрачја, при изработка на деталните урбанистички планови, да се води сметка за зелените површини и да се спречи нивната пренамена во градежни парцели;
  • Се препорачува Министерството за здравство, да достави информација за бројката на луѓе кои имаат здравствени проблеми, како последица од загадувањето и предлог мерки за нивна заштита во рок од два месеци;
  • Се препорачува Министерството за внатрешни работи, при надминување на прагот на алармирање за високата загаденост, да изготви алтернативно сообраќајно решение за град Скопје и општините во градот Скопје;
  • Се препорачува Министерството за економија, да обезбеди средства за субвенционирање на домаќинствата кои ќе користат обновливи извори на енергија;
  • Се препорачува Министерството за економија, да обезбеди средства за субвенционирање за поставување на плински уреди во автомобилите;
  • Се препорачува Министерството за животна средина и просторно планирање, да изработи студија со која ќе се формираат критериуми со кои ќе се детектира енергетската сиромаштија, да направи регистар на енергетски сиромашни семејства и истиот да го достави до Собранието на Република Македонија;
  • Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање, до Собранието на Република Македонија да достават предлог законски измени на законите од областа на животната средина кои ќе бидат во насока на намалување на загаденоста на воздухот;
  •  Да се зголеми бројот на инспектори за животна средина и да се зголемат нивните ингеренции;
  • Да се воведат субвенции за приклучување на греење кон гасификација како и субвенции за приклучување кон парно греење за граѓаните;
  • Да се воведат субвенции за домаќинствата кои ќе купат инвертор клими;
  • Се препорачува Министерството за животна средина и просторно планирање, при надминување на прагот на алармирање, веднаш да подготви и достави препораки до Инсталациите кои што поседуваат А-ИСКЗ дозвола, за намалување на капацитетот на производство до 50% со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите коишто произведуваат топлинска или електрична енергија;
  • Се препорачува Министерството за животна средина и просторно планирање, два пати во годината да доставува извештај до Комисијата за транспорт, врски и екологија на Собранието на Република Македонија, за спроведувањето на Планот за чист воздух;
  • Се препорачува Министерството за економија, до Собранието на Република Македонија да достави извештај за ефектот од еколошките налепници за автомобилите;
  • Се препорачува Државниот инспекторатот за животна средина, до Собранието на Република Македонија во рок од два месеци да достави информација, колку контроли се направени, што е констатирано и што е превземено;
  • При надминување на прагот на алармирање за висока загаденост да се стопираат градежните активности во општините, градот Скопје и општините во градот Скопје;
  • Од страна на надлежните органи во пракса да се применува и спроведува Законот за шумите;
  • Забрана на производство, промет и употреба на одделни производи, полупроизводи, суровини, супстанции и вршењето на одделните услуги заради заштита на животната средина. Изменување на членот 21 од Законот за животна средина со кое се забранува употребата на јагленот како средство за затоплување;
  • Интензивно решавање на проблемот со отпадот и дивите депонии на територијата на Република Македонија;
  • Анализирање на одредени детални урбанистички планови во општините, кои што не се во согласност со генералните урбанистички планови и еколошките стандарди согласно законската регулатива, а на штета при планирањето и загадувањето на животната средина;
  • Овие Заклучоци да се достават до Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија, надлежните министерства, градот Скопје и до сите поканети учесници на јавната расправа;
  • Овие Заклучоци да се објават на веб страната на Собранието на Република Македонија.