Петок, 29 март 2019 година
Усвоени заклучоците од јавната расправа за храната како основно човеково право
На денешната седница, Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот на Собранието на Република Северна Македонија, едногласно ги усвои заклучоците од јавната расправа на тема: Храната како основно човеково право, одржана на 19 јули 2018 година.
Заклучоци:
1. Ѝ укажува на Владата на Република Северна Македонија да формира работна група за изработка на законски измени за поттикнување на донирањето на вишок храна;
2. Да започнат подготовките за законски измени за поттикнување на донирањето на вишок храна;
3. Да се формира интерпарламентарна група за следење на политиките за донирање на вишок храна;
4. Со содржината на овие заклучоци да се запознае Владата на Република Северна Македонија и истите да бидат објавени на веб-страната на Собранието на Република Северна Македонија".
На јавната расправа за храната како основно човеково право беше потенцирано дека проблемот е глобален и алармантен, а статистичките податоци се загрижувачки. На светско ниво, една третина од произведената храна или околу 1,3 милијарди тони, завршува во отпад, а Македонија, и покрај својата специфична социјална и економска ситуација, според бројот на жители, е рангирана на поразителното осмо место. Во Универзалната декларација за човекови права, меѓу другото, стои дека секој има право на животен стандард што нему и на неговото семејство ќе им обезбеди здравје и добробит, вклучувајќи ја и храната.