Активности

Четврток, 13 јули 2017 година

Втора седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на Втората седница одржана на 10 јули 2017 година, како матично работно тело го разгледа Предлогот на завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за 2016 година.      

Воведно образложение по Предлог завршната сметка даде заменикот на министерот за финансии, г-ѓа -Ширете Елези. 

Таа истакна дека реалниот раст на БДП во 2016 година изнесуваше 2,4% пред се како резултат на фискалниот стимул преку буџетските расходи за инфраструктурни проекти, што резултираше со висок раст на градежната активност од 18,5%. Позитивен придонес врз економскиот раст имаа и услужната дејност, земјоделската дејност, додека индустриското производство забележа пад од 1,3%. Овие движења се во рамки на планираните со Буџетот за 2016 година и очекувањата за економски раст. Проекцијата за реален раст на БДП во 2016 година изнесуваше 3,8%, но со Ребалансот на Буџетот за 2016 година беше намален на 2,4%. Просечната стапка на инфлација во 2015 година изнесуваше - 0,2%. Падот на потрошувачките цени главно се должи на намалените цени на нафтените деривати и на падот на цените на прехрамбените производи. 
Надворешно-трговската размена во 2016 година се зголеми за 5,5%, како резултат на растот на извозот на стоки од 5,9% и на увозот на стоки од 5,3% на номинална основа. Растот на извозот, согласно очекувањата, беше придружен со натамошно подобрување на структурата кон производи со повисока додадена вредност, во услови на висок раст на извозот на машини и транспортни уреди и на  хемиски производи. Дефицитот на тековната сметка во 2016 година се задржа на ниско ниво и изнесуваше 3,1% од БДП и е финансиран од приливот на странски директни инвестиции. Притоа најголем дел од странските дректни инвестиции има во индустрискиот сектор, посебно во преработувачката индустрија. 

Во 2016 година поволните движења на пазарот на трудот продолжија со посилна динамика од очекуваната. Така, според Анкетата на работна сила, просечната стапка на невработеност во 2016 година изнесува 23,7% и е пониска од проектираната стапка на невработеност. Бројот на вработени во 2016 година е зголемен за 2,5% во однос на 2015 година, со што просечната стапка на вработеност достигна 43,1%. Номиналниот раст на просечната бруто плата во земјата во 2016 година е согласно очекувањата и изнесува 2%. Фискалната политика во 2016 година се реализираше во рамките на планираните износи со Буџетот, односно реализацијата на приходите беше во согласност со очекувањата, додека расходите се извршуваа редовно и навремено. 

Имајќи ги предвид остварените макроекономски и фискални таргети, Република Македонија одржа стабилна фискална позиција. Вкупните приходи на Буџетот на Република Македонија се реализираа во износ од 169,172 милиони денари и истите се наменија за финансирање на расходите реализирани во износ од 185,407 милиони денари. Остварувањето на приходите и расходите во наведените износи резултираше со дефицит на Буџетот на Република Македонија во износ од 16.071 милиони денари, при што истиот бележи помала реализација во однос на планираниот за 7.048 милиони денари и е на ниво од 2,7% од БДП. Вкупните приходи на Буџетот на Република Македонија во 2016 година се реализираа на ниво од 97,2% во однос на планираните со Буџетот за 2016 година. 

Во рамки на вкупните приходи на Буџетот на Република Македонија, 150,362 милиони денари се остварени по основ на даночни приходи и социјални придонеси, односно 88,7% од вкупните приходи (59% се однесуваат на даночните приходи, а останатите 29,7% се придонеси), додека пак неданочните приходи учествуваат со 7,4%, капиталните приходи со 1,5% и останатите приходи со 2,4%. Во рамки на структурата на остварените даночни приходи доминантно е учеството на приходите по основ на данокот на додадена вредност (45,9%). Приходите остварени по основ на акцизи во рамки на даночните приходи учествуваат со 22,2%, а приходите по основ на персонален данок изнесуваат 14,2%. Данокот на добивка во однос на планот бележи значително подобрена наплата, при што приходите по овој основ се повисоки за 8%. Приходите од социјалните придонеси се реализирани во износ од 50,300 милиони денари и истите се остварени согласно планираното ниво за 8,4% и обезбедија редовно финансирање на законските обврски на социјалните фондови. Неданочните приходи се остварија во висина од 12,468 милиони денари. Во рамки на неданочните приходи се остваруваат приходи по основ на административни такси, концесии, како и неданочни приходи кои буџетските корисници ги остваруваат на сопствените сметки. Капиталните приходи се остварија во износ од 2,462 милиони денари, од кои по основ на дивиденда од Телеком реализиран е износ 574 милиони денари, додека остатокот од средствата се реализирани од продажба на градежно земјиште и општествени станови. Вкупните расходи на Буџетот на Република Македонија се остварија во висина од 185,407 милиони денари, што претставува реализација од 94% во однос на планираните средства. 

Во рамки на вкупните буџетски расходи, тековните расходи се остварија во износ од 168,434 милиони денари, односно пониска реализација од 3,8% во однос на планот, како резултат на строгата контрола на трошењето на овој вид на расходи без притоа да се наруши редовното покривање на сите обврски на државата и непречено остварување на функциите и активностите на буџетските корисници. Во рамки на тековните расходи отстапување во реализацијата има кај постојаната резерва која со вториот Ребаланс во текот на 2016 година беше наменски зголемена на ниво од 2,2 милијарди денари, поради обештетување на населението во регионите зафатени со полавите во месец август 2016 година. Структурно анализирано во рамки на тековните расходи највисоко е учеството на трансферите (трансфери до ЕЛС, субвенции во земјоделството и социјалните трансфери) 70,6%, за плати и надоместоци се наменија 15,4%, за стоки и услуги 10 %, додека 4% од тековните расходи се наменија за каматните плаќања. Во текот на 2016 година од Буџетот на Република Македонија редовно и навремено се подмируваа сите обврски поврзани со исплата на зголемени пензии, зголемени социјални надоместоци, здравствени услуги од Фондот за здравствено осигурување на јавните здравствени установи, зголемено ниво на дотации до единиците на локалната самоуправа, а истовремено реализиран е и значителен износ на субвенции како поддршка на земјоделците. Со исплатата на ноемвриската пензија во декември 2016 година и социјална помош во јули 2016 година се реализираше зголемување на пензиите и социјалните надоместоци за 5%. Имено, се обезбеди исплата на пензии на вкупно 307.610 пензионери со просечна пензија во декември во износ од 13.754 денари, (повисока за 5% во однос на декември 2015 година) и исплата на паричен надоместок за невработеност на 6.644 лица. Согласно реализацијата на Програмата за финансиска поддршка на земјоделството и Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој најголемиот дел од планираните средства за субвенции во земјоделството се потрошија како финансиска поддршка за растително производствo (житни култури, лозраство, тутун), поддршка на сточарството, како и за инвестиции во инфраструктура во рурални подрачја. Капиталните расходи се реализирани во износ од 16,973 милиони денари. Финансирањето на буџетскиот дефицит и редовното сервисирање на обврските по основ на домашниот и надворешниот долг во износ од 20.785 милиони денари беа обезбедени со емисија на државни хартии од вредност и странско задолжување во вкупен износ од 36.856 милиони денари. Во текот на 2016 година јавните финансии обезбедија навремена исплата на законските остварени права, без да се загрози фискалната одржливост на земјата, со едновремено реализирање на ефикасна и економична јавна потрошувачка, кои придонесоа за одржување на макроекономската стабилност и остварување на позитивни стапки на економски раст.

Bo претресот учествуваа пратениците Крсто Мукоски, Васко Ковачевски, Драган Цуклев, Лилјана Кузмановска и Сашо Поцков.

На крајот од расправата, Комисијата едногласно заклучи да му предложи на Собранието да ја разгледа и донесе Завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за 2016 година.

Click