Активности

Вторник, 2 октомври 2018 година

Заеднички интерес е носењето закони коишто ќе го олеснат функционирањето на земјоделскиот сектор

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство оствари средба со германска делегација, предводена од Ханс Георг фон дер Марвиц, пратеник од Бундестагот.

Претседавачот со Комисијата, заменик-претседателот на истата, Димитар Стевананџија, во поздравниот говор се заблагодари за можноста од размена на искуства и добри практики со политичари, бизнисмени, дипломати и експерти од земјоделската област.

Една од основните гранки на производството, извозот и егзистенцијата во Република Македонија, е токму земјоделството, кое е основен приход на многу семејства ширум земјата, рече Стевананџија.

Во разговорот се вклучија членовите на Комисијата, пратениците Татјана Прентовиќ и Никола Мицески.

Тие ја искористија пригодата да ја запознаат гостинската делегација со огромниот потенцијал на земјоделството во Република Македонија, нагласувајќи го квалитетот пред сè на виното и тутунот.

Со оглед на тоа што 40% од населението во земјава е рурално, заеднички интерес е носењето закони коишто ќе го олеснат функционирањето на земјоделскиот сектор. Тенденцијата на усогласување на македонското со европското законодавство мора да продолжи, законските решенија треба да се имплементираат, земјоделските политики задолжително да се уредат, за да станеме конкурентни на пазарот. 

Како дел од мерките за решавање на проблемите во земјоделскиот сектор, беа споменати: системското развивање на земјоделските политики, складната политика на субвенционирање, ефективно искористување на средствата од ИПАРД програмата, нови технологии, максимално искористување на обработливите површини и др. Поради раситнетоста на земјоделските површини, здружувањето на земјоделците е битна цел и во таа насока треба да се работи на обуки на земјоделците. 

Германскиот пратеник Марвиц информираше дека имаат одлични стручно-образовни можности и во земјоделството и во занаетчиството, со можност за пракса и теорија, и многу битно - грижа за потомокот, односно пренесување на младите. Мора да има политички предуслови за да има економски развој, за да функционира руралната средина мора да има инфраструктура, потенцира Марвиц.

На крајот од конструктивниот разговор, Комисијата изрази благодарност за можноста германските практики да ги преточиме во наши, додека гостите се заблагодарија за искрениот пристап и изразија надеж за продолжување на дијалогот.

Click