Активности

Среда, 25 септември 2019 година

Заложба за заемен придонес за развој на кредитните институции

Членовите и заменик-членовите на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Северна Македонија остварија средба со претставници на штедилницата ФУЛМ и нејзините меѓународни партнери. На средбата беа разгледани следниве теми: 

 

  • запознавање на интернационалните партнери со бизнис-деловното опкружување, посебно за странските инвестиции во Република Северна Македонија; 
  • презентација на успешното работење на штедилницата ФУЛМ и прием на престижната награда за 2018 година - World Council Growth Award (награда за најголем раст од Светскиот совет за кредитни линии); 
  • презентација на примери на успешни модели на финансиски институции кои не се банки, а прибираат депозити од граѓани и имаат платни услуги;
  • презентација на планираните активности по повод 20-годишнината на штедилница ФУЛМ.

Беше истакнато дека според податоците на Народната банка, странските директни инвестиции бележат нагорен тренд. Со цел привлекување на странски директни инвестиции, во технолошко-индустриските развојни зони се нудат низа погодности. Се оцени дека економските показатели, како што е ниската инфлација, економската активност и домашното законодавство овозможуваат значителен прилив на СДИ. Пристапувањето кон НАТО и започнувањето на преговорите за членство во ЕУ се очекува да придонесат поголемо ниво на странски инвестиции. Во однос на домашното законодавство, беше информирано дека на почетокот на 2020 година се очекува нов закон за банки и финансиски институции кои ќе бидат усогласени со европското законодавство и ќе се овозможи раст на кредитните институции.

Од страна на учесниците на средбата се изрази очекување дека во иднина ќе се либерализира домашниот пазар на платни услуги со цел развивање на кредитните институции и задоволување на потребите на населението.

Беа презентирани примери на успешно работење на кредитните унии во светот. Се истакна дека целта на функционирање на овие кредитни унии е да излезат в пресрет на потребите на граѓаните за финансиски средства и истите не се водат од остварување на профит. Во САД е воспоставена соработка помеѓу кредитните унии и останатите финансиски институции со кои се овозможува плаќањата на населението да се извршуваат на безбеден и ефикасен начин. Беше истакната потребата од натамошно развивање на финансиските институции и платежните услуги на глобално ниво.

Исто така, беше презентиран и примерот со кредитните институции во Полска. Во периодот на развој на пазарната економија, Полскиот парламент има донесено законско решение со кое на граѓаните им се овозможи да имаат сопствени сметки и сопствени финансиски институции. Кредитните унии биле првите институции кои дале можност за штедење, давање на кредити и издавање на платежни картици. Во текот на преговорите за членство во ЕУ, Полската влада успеала кредитните унии да бидат изоставени од ЕУ законодавството кое го регулира работењето на банките. За функционирање на кредитните институции во Полска не се бара одредено ниво на почетен капитал како услов за да можат да работат, туку треба само да ги исполнуваат условите кои се пропишани со регулативата.

Членовите и заменик-членовите на Комисијата за финансирање и буџет и претставниците на штедилницата ФУЛМ и нејзините меѓународни партнери изразија задоволство од одржаната средба и се заложија за заемен придонес за развој на кредитните институции во иднина.

Click