Активности

Понеделник, 26 март 2018 година, Женева

Зошто жените сè уште не се доволно застапени во политиката?

Делегација на Собранието на Република Македонија учествува на 138. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што се одржува од 24 до 28 март 2018 година во Женева, Швајцарска Конфедерација. Делегацијата ја сочинуваат: м-р Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Македонија и шеф на Делегацијата, г. Томислав Тунтев, г. Јован Митрески, г. Димитар Стевананџија, г. Реџаиљ Исмаили, г. Африм Гаши и г-ѓа Јулиана Николова, членови на Делегацијата и г-ѓа Цветанка Иванова, генерална секретарка на Собранието на Република Македонија. 

На 138. Собрание на ИПУ учествуваат околу 1.500 претставници од над 140 земји членки на Унијата, како и 67 претседатели на парламенти. Во фокусот на дебатата се зацврстувањето на глобалниот режим за мигранти и бегалци; одржување на мирот како средство за постигнување на одржлив развој; вклучувањето на приватниот сектор во имплементацијата на Целите за одржлив развој на ООН, особено во полето на обновливите енергии; зацврстување на меѓупарламентарната соработка за миграцијата и управување со миграцијата, со перспектива за усвојување на Глобален компакт за сигурна, уредна и регуларна миграција; парламетарно следење на Целите за одржлив развој и сл.

Во рамките на 138. Собрание, на 24 март 2018 година се одржа седница на „Форумот на жени парламентарки“, на која, меѓу другото, се одржа и дебата на тема: „Зошто жените сè уште не се доволно застапени во политиката?“.

Во дебата учествуваше пратеничката г-ѓа Јулиана Николова, која оцени дека причините за недоволната застапеност на жените во политиката се различни: политичката култура на земјата и менталитетот, мотивацијата на жените да се кандидираат, организацијата, силината на женските движења, избирачкиот систем, постоењето на квоти, социоекономските причини, здравствениот систем и сл. Таа се осврна на состојбата во Македонија, информирајќи дека од вкупно 120 пратеници во Собранието на Република Македонија, 45 се жени, што изнесува 37,5% и е значителен напредок во однос на минатото. 

Пратеничката Николова оцени дека бројот на избрани жени во Собранието има значење, само доколку има ефекти од неговото дејствување. Во случајот на Собранието на Република Македонија тоа се манифестира со високата способност за натпартиска соработка. Во Собранието функционира Клуб на пратенички, каде што парламентарките одлично соработуваат, градат мостови и лобираат за заедничките интереси. Клубот има голема поддршка и од колегите мажи, а особено од претседателот на Собранието, во врска со реализацијата на идејата за женска соба – место за дружење и отворени разговори  меѓу жените парламентарки.

Госпоѓата Јулиана Николова посочи дека е важно жените политичарки да ги рефлектираат своите вредности и заложби во политичките партии и во општеството, да покажат дека процесот на вклучување на поголем број на жени во политика е инклузивен и подразбира партнерство со мажите, како и дека мажите и жените заеднички треба да градат успешно општество, со целосно еднаква вклученост на сите чинители во него.  

Интерпарламентарната унија, основана во 1889 година, е најстарата мултилатерална политичка организација и најголемата меѓупарламентарна асоцијација, во која членуваат 178 национални парламенти и 12 меѓународни парла¬мен¬¬¬тарни собранија. Светската организација на парламентите со седиште во Женева има статус на постојан набљудувач во Организацијата на обединетите нации.

Click