Активности

Петок, 13 ноември 2020 година

Адеми на виртуелна конференција:Западен Балкан и ЕУ: Демократска консолидација преку исполнување на политичките критериуми

Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Северна Македонија, г. Арбер Адеми, денеска, учествуваше на виртуелната Конференција, во организација на Парламентот на Црна Гора и Центарот за демократска транзиција на тема: Западен Балкан и ЕУ: Демократска консолидација преку исполнување на политичките критериуми, на која воведно обраќање имаше претседателот на Парламентот на Црна Гора, г. Алекса Бечиќ.

На Конференцијата свое излагање имаше г. Адеми, кој во првиот панел посветен на: Зачленување на ЗБ во ЕУ: Исполнување на политичките критериуми, се осврна на најновите случувања во врска со досегашната реализација на ЕУ реформите, со посебен осврт на реализацијата во четирите клучни реформски области: судството, борбата против корупцијата, разузнавањето и реформите во безбедносните служби, како и реформите во јавната администрација.

Во овој контекст, истакна дека во мултиетничките општества, како нашето, ЕУ е нашиот најсилен кохезивен фактор кој не движи напред, а почетокот на преговорите ќе  ни даде силен импулс за поголема динамика на реформите и секако позитивно ќе влијае врз регионалната стабилност. Како релативно млада држава, ние сме свесни дека единствено преку реализирањето на неопходните реформи во однос на унапредувањето на демократијата, владеењето на правото и достигнувањето на европските стандарди можеме да станеме суштински дел од ЕУ. Реформите ни се потребни за да влеземе во ЕУ, но реформите  ни се потребни и на нас дома, а пред се за младите, на кои им потребна стабилна држава со европски стандарди и перспективи. „Без постигнување на опипливи и видливи резултати, состојбата со одливот на мозоци, која и сега е алармантна, ќе стане уште поалармантна во нашите  земји„, истакна Адеми. Говорејќи за Преговарачката рамка за ЕУ членство, и оддржувањето на Меѓувладината конференција по добивањето на зелено светло  до крајот на Германското претседателство со ЕУ, од страна на Советот на ЕУ, истакна дека е особено важно за земјата да ги почне преговорите што поскоро.

На конферецијата свои излагања имаа и г. Славен Радуновиќ,член на Парламентот на Црна Гора, г.Никола Ракочевиќ, член на Парламентот на Црна Гора, г-ѓа Елвира Ковач, потпретседател  на Националното собрание на Република Србија и претседател на Комисијата за европска интеграција и г. Никола Ловриновиќ, претседател на Заедничката Комисија за европпска интеграција на Парламентот на БиХ.

Click