Активности

Понеделник, 11 јануари 2021

Адеми-Учество на КОСАК конференција

Денеска, претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието, Арбер Адеми, учествуваше на на Конференцијата на комисиите за европски прашања на земјите ЕУ членки-КОСАК, што се одржува во Лисабон, во рамките на португалското претседателство со ЕУ.

Претседателот на Комисијата, Адеми, имаше свое излагање во рамките на сесијата посветена на португалските приоритети за време на претстојното шестмесечно претседавањето со ЕУ, од јануари до јули, во кое честитајќи ѝ го преземањето на кормилото со Унијата, го поздрави предлогот на Португалија интеграцијата на Западен Балкан да биде еден од приоритетите на ова ЕУ претседавање.

Адеми, осврнувајќи се на нашиот евроинтегативен пат кон ЕУ, потсети дека Северна Македонија од 2005 година е земја кандидат, од 2009 има препорака за почеток на преговори и дека минатата година Советот заклучи да отпочнат преговорите за ЕУ членство. Во тој контекст, имајќи ја предвид и најавата на министерот за европски прашања, Сантош Силва, дека ќе се залага до крајот на ова ЕУ претседателство да се одржат меѓувладините конференции за Северна Македонија и за Албанија, изрази надеж дека тоа ќе биде добар сигнал и импулс за  двете земји да ги продолжат започнатите ЕУ реформи. Притоа, истакна дека Северна Македонија ќе вложи дополнителни напори за релаксирање на односите со соседна Бугарија, со цел да се премостат разликите во ставовите на двете земји за повеќе историски прашања, согласно веќе потпишаниот Договор за соработка со Бугарија.

Државниот министер за европски прашања, Силва, говорејќи за поважните приоритети на ЕУ, на кои ќе треба да да се работи во следниот шестмесечен период, но и до крајот на оваа година кога со Унијата ќе претседава следната земја членка Словенија, ги истакна зајакнувањето на европскиот социјален модел како одговор на кризата и како двигател на растот, пандемијата и различното влијание што го имаше таа врз општествата, темпото на вакцинацијата на европското население, усвојувањето на финасискиот пакет и демографските промени. Исто така, како едно од поважните прашања за ЕУ ги посочи и прашањата поврзани со климатските промени, дигитализацијата и, во тој контекст, развојот на дигиталниот пазар, имиграцијата и Брегзитот.

На крајот се осврна и на важноста за поголема демократија во ЕУ и за владеењето на правото, и во тие рамки за инклузивен дијалог во рамките на Конференцијата за иднината на Европа, како проект со кој ќе им се даде посилен глас на европските граѓани.

Click