Активности

Петок, 30 јули 2021

АРБЕР АДЕМИ ОСТВАРИ СРЕДБА СО ЕВРОПРАТЕНИКОТ КРИСТИЈАН САГАРЦ

Претседателот на Комисијата за европски прашања, Арбер Адеми, денеска оствари средба со Кристијан Сагарц, европратеник и известител во сенка за Северна Македонија, во рамките на неговата работна посета на земјава.

На средбата беше изразена благодарност за континуираната и принципиелна поддршка на Европскиот парламент на политиката за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, при што Арбер Адеми се осврна на постигнатите реформи и демократски процеси на Северна Македонија и истакна дека билатералните прашања не треба да го блокираат процесот на пристапување. Во тој контекст, Адеми  нагласи дека е потребно постигнување на консензус за преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ, заради доследно спроведување на одлуката за почеток на пристапни преговори.

Реафирмирајќи ја посветеноста и проактивниот пристап на официјална Австрија кон процесот на проширување на ЕУ, Кристијан Сагарц, порача дека нашата држава заслужува формално отворање на пристапни преговори за членство со Унијата што е можно поскоро, за што Австрија ќе продолжи силно да се залага. Европратеникот Сагарц ја потенцираше поддршката на Австрија за европската интеграција на државата и укажа на важноста од поголема соработка со Западен Балкан.

Арбер Адеми изрази цврста заложба за натамошна посветеност на реформите кои се дел од ЕУ агендата, не само заради натамошен напредок во евроинтегративниот процес, туку, пред сѐ, заради подобрување на секојдневниот живот на македонските граѓани.

На крајот од средбата, Арбер Адеми, ја поздрави континуираната поддршка од Австрија за конечен старт на преговорите со Европската Унија и порача дека Северна Македонија останува посветена на реформските процеси и на градењето добрососедски односи.

На средбата беа опфатени и перспективите, како и можностите за продлабочување на билатералната соработка меѓу двете земји, а беа разменети мислења и за состојбите во регионот и акутелните предизвици поврзани со пандемијата.



Click