Активности

Петок, 28 мај 2021

Без силно младинско движење не може да има енергично граѓанско општество

Пратеничката Моника Зајкова, член на Делегацијата во ПС на ОБСЕ, вчера учествуваше на конференција организирана од Парламентарното собрание на ОБСЕ, како дел од Повикот за акција - Процес Хелсинки +50.

Целта на конференцијата беше да се обезбеди подобро присуство на младинските претставници во мултилатералните организации. На настанот учестуваа претставници на младинските крила на политичките партии и лидерите на ПС на ОБСЕ.

Во воведното обраќање, претседателот на ПС на ОБСЕ, Питер Лорд Баунес (Велика Британија) рече дека и покрај разликите во возраста, сите учесници биле обединети во верувањето во принципите на Завршниот акт на Хелсинки, како што се владеењето на правото, заштитата на животната средина, безбедноста и човековите права.

На отворањето говореше и генералниот секретар на ПС на ОБСЕ, Роберто Монтела, кој го потенцираше неговиот став дека во прашање се две централни теми: зајакнување на младите и реализација на младинските визии. Првата ни е потребна за да ја постигнеме втората, рече Монтела, нудејќи гаранции дека ПС на ОБСЕ е посветена на постигнување на оваа цел.

Конференцијата беше модерирана од  Ламберто Заниер, висок експерт на ПС на ОБСЕ. На настанот учестуваа: Бардиш Чагер, министерка за вклучување на младите на Канада, потоа  Роџер Падрени (Андора), членот на ПС на ОБСЕ, амбасадорот Луис Куеста Цивис, претседател на Групата на пријатели на ОБСЕ за млади и безбедност, постојан претставник на Шпанија во ОБСЕ; Анастасија Фуско, советник за млади и безбедност при Секретаријатот на ОБСЕ;  Мелани Хелм, водач на тимот за климатски кризи и миграција при Здружението за студии на ООН;  Розалин Марбина, специјална претставничка на ОБСЕ за млади и безбедност,  член на ПС на ОБСЕ.

Во вториот дел на конференцијата говорници беа пратеничката Моника Зајкова, член на Делегацијата на Собранието во ПС на ОБСЕ, како и Аделин Бланскварт од Белгија.

Дискусијата на оваа конференција се фокусираше на тоа како да се постават приоритетите на агендата на ОБСЕ за улогата на младите во центарот на нивната работа. Беше забележано дека на младите им е потребна поинклузивна застапеност, вклучително и место на масата во процесите на донесување одлуки, со цел да се врати довербата во механизмите за мултилатерална соработка. Како добра практика, говорниците ја посочија соработката меѓу Северна Македонија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје во подготовка на законот за младински политика. Се истакна дека оваа практика треба во иднина да се сподели со другите земји во регионот на ОБСЕ.   

Учесниците истакнаа дека со сите кризи во светот, младите чувствуваат опиплива потреба да развиваат ефективни институции засновани на иновативни идеи и за промовирање култура на емпатија што ќе ги вклучува сите засегнати страни, вклучително и младите. Беше истакнато дека без силно младинско движење не може да има енергично граѓанско општество и без силно граѓанско општество, демократијата страда.

Младите демонстрираа силна посветеност за решавање на овие прашања. Тие понудија иновативни идеи, модерно размислување и технолошка експертиза за да помогнат во промовирање на далечинските учење што го карактеризираа период за време на кризата КОВИД-19.

Пратеничката Моника Зајкова истакна дека во Република Северна Македонија донесен е Закон за младинско учество и младински  политики, кој им помага на младите во нивното  дејствување. Во Собранието како неформално тело постои  младински клуб кои се залага за основање на Комисија за млади како постојано работно тело во Македонскиот парламент. Основни заложби на младите во земјата се дејствување за подобрување на образовниот систем и економијата, како и климатските промени, но потребно е поголемо фокусирање кон младинските политики. Таа истакна дека ОБСЕ во иднина може да даде поголем придонес кон поврзување на младите во својот регион и размена на искуства меѓу нив преку формирање на група за млади кои заеднички ќе работат на прашања од заемен интерес.  Надградување на етичкиот кодекс меѓу младите, исто така, може да биде тема која ќе придонесе за подобрување на односите меѓу нив и намалување на личните навреди.   

На крајот амбасадорот Заниер го изрази својот став дека хибриден формат на конференцијата, која  вклучува  претставници на граѓанското општество и парламентарци заедно да дискутираат, обезбедува отворен и ефективен пристап кон темата и повика дискусијата да продолжи.

Click