Активности

Петок, 12 март 2021 година          

Четврта седница на Комитетот за односи меѓу заедниците

Комитетот за односи меѓу заедниците, денеска, ја одржа Четвртата седница, на која присуствуваа: претседателката на Комитетот, Арбана Пашоли; заменикот Енес Ибрахим; членовите на Комитетот; координаторите на Пратеничките групи и пратениците; првиот заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, како и заменикот на министерот за политички систем и односи меѓу заедниците, Илхан Рахман.

За седницата беа поканети претставници од странски Делегации во земјава, кои иако даваат голема поддршка на оваа седница и целокупната работа на Комитетот, заради новите случувања со пандемијата, тие сепак не присуствуваа на седницата.

Претседателката на Комитетот, Пашоли во текот на целата седница имаше видео презентација на досегашната работа на седниците на Комитетот како и на Програмата за работа на Комитетот за 2021 година, со што дава личен придонес за создавање на култура на заемна доверба меѓу членовите на Комитетот особено на припадниците на заедниците  и притоа нудејќи соработка и заедничко и транспарентно работење во Комитетот.

Комитетот за односи меѓу заедниците на последната седница утврди Агенда на активности на Комитетот и донесе Програма за работа за 2021 година. Во таа смисла, со цел проактивна и транспарентна реализација и имплементација на Програмата за работа и стимулација на работата на формираните работни групи, се одржа оваа седница.

На седницата првиот заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби изврши презентација за целите и функциите на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците. Тој како член на Комитетот во неколку мандати наназад е голем познавач на Комитетот и со неговото присуство дава поддршка на работата на Комитетот. Груби укажа дека за конструктивни меѓуетнички односи, постоењето на законодавството само по себе не ја постигнува саканата цел, истото треба да биде придружено од други дополнителни мерки, како подигање на јавната свест, градење на капацитетите на одговорни институции и детална анализа на законодавството и политиките. Заложбите за зајакната соработка во сферата на  меѓуетнички односи е висок приоритет на оваа Влада. Соработката со Министерството  за политички систем и односи меѓу заедниците може  да придонесе за интензивирање на парламентарната соработка со цел пратениците да бидат промотори и двигатели на заштитата на правата на припадниците на заедниците и можностите за подобрување на состојбите.

По презентацијата и излагањето на Груби, со своја дискусија учествуваа Енес Ибрахим, Зеќир Рамчиловиќ, Љатифе Шиковска и координаторот на Пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Се слушнаа мислењата на присутните членови на Комитетот кои дадоа  забелешки на полето на унапредување и заштитата на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20% од населението во Републиката, заради што понудија решенија и можности за подобрување на состојбите во образованието, соодветната и правична застапеност, употребата на јазиците.

Со оглед на интересот што беше предизвикан од излагањето на Груби, се одлучи Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците да се поканува и на тематски седници согласно Програмата на Комитетот, но и совпаѓањето на надлежностите на Комитетот и на Министерството. 

Истовремено, како што беше кажано од сите соговорници, заеднички  активно треба да се работи на поттикнување и поддржување на што поголема инклузија на припадниците на заедниците со цел  на долг рок  да се придонесе за поповолен амбиент за припадниците на заедниците,   чии придобивки ќе ги почувствуваат сите.







Click