Активности

Понеделник, 6 декември 2021

ДЕВЕТНАЕСЕТТА СЕДНИЦА НА КОМИСИЈА ЗА ТРАНСПОРТ, ВРСКИ И ЕКОЛОГИЈА

Комисијата за транспорт, врски и екологија на Собранието, на денешната 19. седница, како матично работно тело ги разгледа:

  1. Годишниот извештај за работа на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор за 2019 година;
  2. Годишниот извештај за работата на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор за 2020 година;
  3. Годишната програма за работа и развој на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор за 2020 година;
  4. Годишната програма за работа и развој на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор за 2021 година;
  5. Предлогот на закон за дополнување на Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај (скратена постапка);
  6. Предлогот на закон за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево - Охрид (скратена постапка).

На седницата на Комисијата, во својство на претставник на Владата, присуствуваше Беким Реџепи, заменик на министерот за транспорт и врски и претставници од Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор, Раде Лазаревски, претседател на Управниот одбор и Боре Еркечов, директор.

Претседателот на Комисијата, Владо Мисајловски, ги извести членовите на Комисијата дека Владата доставила Мислење по двата Годишни извештаи и  двете Годишни програми, а Лазаревски ги образложи истите. 

Во дискусијата по Годишниот извештај за работа на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор за 2020 година учествуваше пратеничката Олга Лозановска, која рече дека постоечката железничка инфраструктура е во многу лоша состојба, дека бројот на патниците и на стоката е помал поради немањето средства и упропастената инфраструктура.

Комисијата со 6 гласа „за” и 4 „против” му предложи на Собранието да донесе одлука за одобрување на овие Годишни извештаи и програми.

Мисајловски ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, не се поднесени амандмани по последните две точки, односно двата Предлог-закона.

Во дискусијата по последната точка учествуваа пратениците Јован Јаулески, Диме Велковски, Бојан Стојаноски, Ане Лашкоска и Мирче Аџиоски.

Јаулески истакна дека патната делница е започната во 2014 година, сменети се два ресорни министри за транспорт и врски, а резултати нема.

Велковски рече дека станува збор за голема инвестиција која треба да биде од интерес на сите влади без разлика кој е на власт и укажа дека се потребни нови средства за изградба на: тунел, свлечишта, арматури столбови, патни јазли, алтернативни патишта итн.

Стојаноски констатираше дека станува збор за најскапиот автопат во Европа кој чини 10 милиони евра по километар и упати апел ова да биде последен Анекс на договорот.

Лашкоска забележа дека нема план за темпото на пуштање на делницата, нема градежни активности и дека е редно да се продолжи со работа затоа што е исклучително небезбедно да се вози по трасата.

Аџиоски истакна дека изградбата постојано се продолжува, не се работи, нема работници на терен, нема изградено ниту една клучка, не е познато дали овој Анекс на договор ќе биде последен.

Заменик-министерот Реџепи во врска со Анексот број 5 укажа дека со него само се одложува рокот на реализацијата без да се бараат дополнителни средства.

На крајот, Комисијата ги проследи и двата Предлог-закона на натамошна постапка во Собранието. 

Click