Активности

Вторник, 27 јули 2021

Деветта седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство, на вчерашната 9. седница, како матично работно тело, во скратена постапка, го разгледа Предлог-законот за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од Ковид 19 врз производството и откуп на тутун.

На седницата на Комисијата, во својство на претставник на Владата, присуствуваше Арјанит Хоџа, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, кој ја нагласи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот.

Заменик-претседателот на Комисијата за земјоделство, Дајанчо Ефтимов, ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието, не се поднесени амандмани по Предлог-законот.

Во дискусијата по Предлог-законот учествуваа пратениците: Здравко Трајанов, Златко Пенков, Диме Велковски, Петар Ристевски, Дајанчо Ефтимов и Панчо Минов.

Пратеникот Здравко Трајанов во својата дискусија посочи дека предвидената сума за помош на тутунарите во висина од 3 денари по килограм за II класа на тутун и 16 денари по килограм за III и IV класа на тутун е мала и затоа даде предлог за усвојување на Комисиски амандман со кој побара субвенции во висина од 15 денари за II класа на тутун и 25 денари по килограм за III и IV класа на тутун. Комисијата со 5 гласа „за“ и 6 „против“ не го усвои овој Предлог.

По расправата, Комисијата го проследи овој Предлог-закон на натамошна постапка во Собранието. 

Click