Активности

Среда, 29 декември 2021

Дваесетта седница на Комисијата за транспорт, врски и екологија

Комисијата за транспорт, врски и екологија на Собранието, на вчерашната 20. седница, како матично работно тело, ги разгледа:

  1. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина - II читање;
  2. Предлог-законот за дополнување на Законот за животната средина - I читање; (Поднесен од: Ненад Коциќ, Маја Морачанин)
  3. Годишниот извештај за работа на Агенцијата за пошти за 2020 година;
  4. Годишната програма за работа на Агенцијата за пошти за 2022 година;
  5. Годишната програма за работа и развој на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор за 2022 година;
  6. Извештајот за работа на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2020 година;
  7. Извештајот за работа на Агенцијата за електронски комуникации за 2020 година;
  8. Извештајот за реализација на годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2020 година;
  9. Годишниот извештај за работа на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радио-телевизија за 2020 година;
  10. Финансискиот план на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радио-телевизија за 2022 година.

На седницата на Комисијата, во својство на претставник на Владата, присуствуваше Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање и Фросина Антоновска, претставничка од Министерството за животна средина и просторно планирање; како претставничка на Агенцијата за пошти - директорката Билјана Аврамоска-Ѓореска; од Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор - Раде Лазаревски, претседател на Управен одбор и Боре Еркечов, директор; од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги - директорот Зоран Трајчевски; како претставник на Агенцијата за електронски комуникации - заменик-претседателот Ервин Реџепагиќ; од Агенцијата за цивилно воздухопловство - Раим Бајрами, претседател на Управен одбор; а од Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радио-телевизија - Смилка Јанеска-Саркањац, претседателка на Програмскиот совет на МРТ.

- Претседателот на Комисијата за транспорт, врски и екологија, Владо Мисајловски,  ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието, поднесени се вкупно 4 амандмани по Предлог-законот за дополнување на Законот за животната средина. Во дискусијата по Предлог-законот учествуваше пратеничката Маја Морачанин, која предложи да се направи еден пречистен текст на Законот.

Комисијата разгледа и претресе два амандмана поднесени од пратениците Ненад Коциќ, Бисера Костадиновска Стојчевска, Бети Рабаџиевска Наумовска, Жаклина Лазаревска и Берат Ајдари, и со по 10 гласа „за“ и ниеден „против“, ги усвои истите. Еден амандман поднесен од пратеничката Маја Морачанин, беше повлечен. По расправата, Комисијата го проследи овој Предлог-закон на натамошна постапка во Собранието.

- Претставникот на предлагачите на Предлог-законот за дополнување на Законот за животната средина, пратеникот Ненад Коциќ, ја нагласи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот. Во дискусијата учествуваше пратеничката Маја Морачанин, која укажа дека треба да се донесе и Законот за контрола на индустриски емисии, како и тоа дека тешката индустрија мора да се дислоцира од населените места.

По расправата, Комисијата, со 6 гласа „за“ и ниеден „против“ го усвои следниот ЗАКЛУЧОК:

  • Комисијата за транспорт, врски и екологија го разгледа Предлог-законот за дополнување на Законот за животната средина и оцени дека е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

- Претседателот на Комисијата ги извести членовите дека Владата доставила Мислења по Годишниот извештај за работа на Агенцијата за пошти за 2020 година и Годишната програма за работа на Агенцијата за пошти за 2022 година и истите се доставени до пратениците. Директорката на Агенцијата за пошти, Билјана Аврамоска-Ѓореска, ги образложи истите, заедно со пропратните документи.

Во дискусијата по Годишниот извештај учествуваа пратениците: Мирче Аџиоски, Ане Лашкоска и Љупчо Балкоски, а по Годишната програма - Мирче Аџиоски.

Комисијата со 6 гласа „за“ го усвои предлогот Комисијата да му предложи на Собранието да донесе одлука за одобрување на Годишната програма за работа на Агенцијата за пошти за 2022 година.

- Мисајловски ги извести членовите на Комисијата дека Владата не доставила Мислење по Годишната програма за работа и развој на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор за 2022 година.

Раде Лазаревски, како претседател на Управниот одбор ја образложи Годишната програма, а во дискусијата учествуваше пратеничката Олга Лозановска, која побара да не се прифати истата, но Комисијата со 5 гласа „за” му предложи на Собранието да донесе одлука за одобрување на оваа Годишна програма.

- Претседателот на Комисијата ги извести членовите на дека Владата доставила Мислење по Извештајот за работа на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на Агенцијата за електронски комуникации за 2020 година и по Извештајот за реализација на годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2020 година, и истите се доставени до пратениците. Трајчевски, Реџепагиќ, Бајрами и Јанеска-Саркањац ги образложија Извештаите, заедно со пропратните документи доставени кон истите.

Во дискусијата по Извештајот за работа на Агенцијата за електронски комуникации за 2020 година, учествуваа пратениците Ане Лашкоска, Владо Мисајловски и Диме Велковски. Претседателот Мисајловски констатира дека Комисијата го разгледала овој Извештај.

Во однос на Извештајот за реализација на годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2020 година, Комисијата со 6 гласа „за“ и 4 „против“ го усвои следниот ЗАКЛУЧОК:

  • Собранието го усвои Извештајот за реализација на годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2020 година;
  • Заклучокот заедно со Извештајот на Комисијата за транспорт, врски и екологија, да се достави до Агенцијата за цивилно воздухопловство и Владата на Република С. Македонија.

Претседателот Мисајловски констатира и дека Комисијата го разгледа Годишниот извештај за работа на Јавното радиодифузно претпријатие МРТ за 2020 година.

На крајот, Мисајловски информира дека Владата не доставила Мислење по Финансискиот план на Јавното радиодифузно претпријатие МРТ за 2022 година. Саркањац го образложи истиот, заедно со неговите пропратни документи. Комисијата со 10 гласа „за“ го усвои предлогот Комисијата да му предложи на Собранието да донесе одлука за одобрување на овој Финансиски план.

Click