Активности

Среда, 28 октомври 2020 година

Е-КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ОТВОРЕН ПАРЛАМЕНТ

Денеска, Собранието на Република Северна Македонија во соработка со Програмата за парламентарна поддршка организираше виртуелна конференција за Отворен Парламент - Акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023. 

Оваа е-конференција е дел од Глобалната недела на отвореност на законодавството #GLOW2020 организирана од страна на Мрежата за Отворен Парламент (OPeN) од 26 до 30 октомври 2020 година.

На е-конференција  се обратија г. Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Северна Македонија, г-а Сибил Сутер Техада, амбасадорка на Швајцарија во Република Северна Македонија и г-а Цветанка Иванова, генерална секретарка на Собранието на Република Северна Македонија, кои ја истакнаа потребата Собранието да остане посветено на заложбата за зголемување на својата отвореност и транспарентност. Во продолжение, г. Златко Атанасов, раководител на Парламентарниот институт, г-а Гордана Гапиќ Димитровска, државна советничка во МИОА и национална координаторка за ПОВ и г-а Сандра Пернар, виша регионална координаторка на ПОВ за Европа, ги истакнаа приоритетите на парламентите кои се вклучени во Партнерството за отворена власт, на Владата на Република Северна Македонија, а особено на Сoбранието на Република Северна Македонија. 

Понатаму, 68 учесници, меѓу кои пратеници, вработени во собраниската служба, претставници на привремениот Совет за Партнерство за отворена власт, како и претставници на мрежата на Партнерството за отворена власт, дискутираа во однос на следните три теми: Собранието со отворен одоговор и отворено опоравување од ковид 19 пандемијата, Подобрена ИКТ ифраструктура во Собранието, и Учество на граѓани/отворен парламент.

Дискусијата резултираше во идеи и предлози за: поголемо учество на граѓаните и граѓанските организации во работата на Собранието, полесен пристап до пратениците и до собраниските тела, како и можности за виртуелно учество на граѓани, во ситуации кога  физичкото не е возможно.

По завршувањето на конференцијата, Собранието ќе формира работна група составена од пратеници, вработени во собраниската служба и претставници на граѓански организации кои ја следат работата на Собранието. Потоа, Собранието, преку Парламентарниот институт, ќе подготви предлог заложби кои ќе ги достави на мрежата на граѓански организации за ПОВ за да добие повратни информации.

Собранието останува посветено на унапредување на отвореноста, транспарентноста, одговорноста кон граѓаните и унапредување на учеството на граѓаните во собраниските активности. 

Click